Во време на пандемијата со Ковид 19, фудбалската репрезентација на Македонија успеа да обезбеди место на Европското првенство и да напише историја. И додека репрезентацијата бележи напредок клубовите продолжуваат со секојдневието борејќи се со проблемите кои се актуелни со години, а главно се од финансиска природа. Речиси редовно преживувајќи на граница менувајќи ја фудбалската карта, парите се тие кои ги движат сите работи така што секој денар плус на контото на крајот од годината доаѓа како бонус.
Последните две сезони беа уште потешки од обично. И додека 2019/20 финишираше предвреме откако првенството беше прекинато уште во март, а шампионот прогласен по административен пат без да се доиграат сите натпревари, последната сезона 2020/21 заврши регуларно. Шкендија е нов шампион, а најтрофејниот клуб Вардар испадна од лигата.
Причината број 1 беа финансиите. Клубот се најде во многу тешка ситуација, поголемиот дел од искусните фудбалери заминаа, па оние што останаа не можеа да го обезбедат опстанокот. Вардар е во минус на финансиската сметка, голем дел од другите клубови исто така. Само дел од тимовите се со плус на крајот од годината што зборува многу за тоа како се работи на финансиски план во фудбалска Македонија.
Порталот Pari.com.mk во соработка со платформата Бизнис.Мрежа.мк направи анализа во каква финансиска состојба се домашните фудбалски клубови. Но нивната финансиска ситуација не може многу да израдува приходи се слеваат, но ретко кој остварува добивка.
Од табелата подолу може да се види дека од 11 клубови кои се предмет на анализа во однос на приходите дел забележале намалување, но речиси и исто толкав дел покажале зголемени приходи. Сепак може да се заклучи дека и покрај пандемијата приходнатата страна не била толку лоша. Најголеми приходи има Шкендија кај која во 2019 година се слеале 3,1 милион евра, додека минатата година 2,5 милиони евра. Најголем пад кај приходите очекувано има Вардар од 942 илјади евра во 2019, лани се намалил на 208 илјади евра или овој клуб остварил најголем пад меѓу анализираните од 78 проценти.
За разлика од приходите многу ретко некој од клубовите може да се пофали со пораст на добивката. Од 11-те фудбалски клубови со раст на добивката биле само два и тоа Ренова и штипска Брегалница.
Фудбалскиот клуб Вардар последните две години бележи голема загуба. Во 2019 година минусот на неговата сметка е 2,2 милиони евра, додека во 2020 загубата изнесувала еден милион евра. Овој клуб е должник и во УЈП каде што треба да плати вкупно 405 илјади евра. Освен Вардар на УЈП му должи и битолски Пелистер и тоа над 7 илјади евра. Останатите фудбалски клубови забележале негативна стапка на раст кај добивката.
Инаку, според вработени најмногу има Шкендија 54 вработени, Работнички 22, Ренова 36, во Шкупи се регистрирани 24-ца, Вардар има 33 вработени додека останатите имаат под 16 вработени.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.