Пензискиот систем е нестабилен, демографските трендови се загрижувачки

Државниот завод за ревизија предупредува на нестабилноста на пензискиот систем, бидејќи бројот на пензионери се зголемува, додека протокот на придонеси во пензискиот фонд се намалува. Ова е нагласено во најновиот извештај на ревизорите , кој се базира на демографските промени во земјата, поточно на сè постарото население, објавува Телеграф Македонија.

„Иако пензискиот систем изграден на три столба обезбедува редовна исплата на пензиите, неговата вистинска одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниските стапки на придонеси, како и зголемувањето на пензиите кое не се базира на зголемување на платите и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навреме, ова се постигнува преку зголемени трансфери од буџетот и одложување на потребните структурни реформи“, велат од Државниот завод за ревизија.

Во извештајот се истакнува и дека првиот столб на пензискиот систем, организиран на солидарна основа, постојано функционира со негативен финансиски биланс. Трошоците за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, додека дупката во пензискиот фонд се покрива со трансфери од Буџетот, кои изнесуваат над 690 милиони евра. Дополнителен товар се линеарните зголемувања кои не се во согласност со зголемувањето на платите.

„Во текот на 2024 и 2025 година, нивото на пензиите се зголеми неколку пати на линеарен начин, што не беше придружено со зголемување на платите на осигурениците, ниту со зголемување на бројот на осигуреници. Во отсуство на навремени и ефикасни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4% од БДП во 2057 година, што ќе донесе сериозен товар за централниот буџет“, велат од Државниот завод за ревизија.

Според демографските проекции, во следните 30 години се очекува учеството на лицата над 65 години да се зголеми на над 34%, додека населението во работоспособна возраст ќе се намали за речиси половина милион луѓе, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз јавните финансии. Како главна причина се наведува ниската стапка на наталитет, а особено емиграцијата на младите луѓе.

Од ДЗР велат дека демографските трендови се загрижувачки. Просечната возраст на населението се зголемила од 32,3 години во 2000 година на 41,8 години во 2024 година. Учеството на лицата над 65 години се зголемува, додека учеството на помладите генерации се намалува. Главната причина за демографскиот пад не е само ниската стапка на наталитет, туку и емиграцијата на населението.

„Според прогнозите на Државниот завод за ревизија, учеството на лицата над 65 години ќе се зголеми од 19,1% во 2025 година на 32,6% во 2050 година и 34,2% во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 година на над 144.000 во 2055 година, додека населението во работоспособна возраст (15-64 години) ќе се намали за приближно 470.000 лица. Во отсуство на навремени и ефикасни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4% од БДП во 2057 година, што ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет“, велат од Државниот завод за ревизија
The post Пензискиот систем е нестабилен, демографските трендови се загрижувачки appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: