Петровска: Тошковски вооружени лица да пријавува во институциите, а не кај Мицкоски

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, смета дека изјавите на лидерот на ВМРо-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за вооружени лица во униформи на УЧК во околината на Чаир и Бутел се најверојатно се политички сугестии од техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

„По службена линија не споделил. Веројатно министерот за внатрешни работи таквите информации побрзал да ги сподели со партискиот лидер, а не со институциите“ рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24.

Таа додаде дека иако ВМРО-ДПМНЕ на хартија се залага за департизација, очигледно тоа им е врежано во крвта и сакаат да го вратат дури и во време на техничка влада.

„Местото за споделување од министерот за внатрешни работи не се партиските лидери, туку институциите. Ако веќе тоа што го кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е точно, не знам зошто МВР дозволува вооружени луѓе да се шетаат по улиците“ рече Петровска.

Министерката додаде дека министерот за внатрешни работи има законска обврска да го санкционира таквото поведение, а не да шири по медиуми или да го прави лидерот на партијата портпарол на МВР.

Мицкоски вчера одговарајќи на новинарски прашања изјави дека лице блиско до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, контролира вооружена група што се движи низ скопски Чаир и Бутел.

Мицкоски не откри за кого и за што точно станува збор, но рече оти јавноста набрзо ќе дознае.

„Точно знае Али Ахмети што зборувам и точно знае тој негов соработник што уживаше привилегии во луксузен хотел во претседателскиот апартман во Истанбул, бидејќи тој ја координира таа група што се движи на територијата на Бутел и Чаир, а и ги знаеме лицата и точно знаеме што прават, а набрзо ќе дознае и јавноста“,рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали за ваквите сознанија го информирал и побарал да постапува Министерството за внатрешни работи – ресор што во техничката влада го води кадар на ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски не одговори. Рече дека кажал сè што имал да каже и новинарите ги упати да бараат одговори директно од МВР.

Тврдењата на Мицкоски од ДУИ ги оценија како невистинити и намерно ширење на лажни вести со цел, како што велат, поттикнување на национализам во функција на прибирање на гласови и поделби во општеството.

Пронајдете не на следниве мрежи: