Поларен бран со снег го погоди Нов Зеланд

Силен поларен бран го погоди Нов Зеланд, носејќи снег во низинските области, затворајќи многу патишта и училишта и сериозно нарушувајќи ги фериботските услуги.

Според „Њу Зеланд хералд“, снегот ги покрил деловите од Јужниот Остров додека студениот временски систем се движел низ целата земја. Полицијата ги повика жителите на јужниот град Данедин да избегнуваат секакви патувања освен неопходни поради снегот и замрзнатите патишта.

Предупредувања за снег се издадени за неколку главни патишта. Бурата, исто така, го наруши и школскиот процес. Сите основни и средни училишта и градинки во Данедин, помеѓу Мосгиел, Порт Чалмерс и Ваикуаити, се затворени, а затворено е и средното училиште „Ист Отаго“ во Палмерстон.

Времето се влоши и во Куковиот Проток, кој ги дели Северните и Јужните Острови, каде што силните ветрови предизвикаа проблеми во сообраќајот.

„Интерислендер“ откажа четири фериботски линии помеѓу Велингтон и Пиктон, додека „Блубриџ“ ги откажа сите шест закажани поаѓања во вторник, како и две утрински линии закажани за в среда.

Метеоролошката служба на земјата, исто така, издаде предупредување за високи бранови за брегот на Ваирарапа, при што се очекува брановите да достигнат шест метри до среда наутро.

Иако снегот не е толку чест во низините на Нов Зеланд, особено на Јужниот Остров, вреди да се напомене дека во моментов е врвот на зимската сезона на јужната хемисфера, вклучувајќи го и новозеландскиот архипелаг.

Пронајдете не на следниве мрежи: