Сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, поранешни министри, членови на обезбедување денеска седнаа на обвинитена клупа во преполната сала во КПУ Идризово каде почна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Судскиот процес се одвива под засилено полициско обезбедување, а судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со Судечкиот совет, побара дисциплина и редовност на клиентите.
За секое непотребно одлагање, нагласи Груевска-Илиевска, ќе следи санкција, а во таа насока сите лекарски уверенија за отсуство ќе бидат строго проверувани.
Со обвинението опфатени се вкупно 38 обвинети од кои 35 се физички лица и три правни лица. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.
Судењето почна осум месеци по несреќата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во несреќата загина речиси и целиот бенд „ДНК“.
Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи.


