Министерството за правда најави дека од денеска ќе ја започне постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски во земјава.
Македонија досега поднела едно барање за екстрадиција на Груевски во 2018, како и дополнување на барањето во 2019, но Будимпешта го одби со образложение дека на Груевски му е одобрен азил, а согласно унгарските закони, човек кој добил азил во Унгарија, не може да биде екстрадиран во државата од која избегал.
По падот на Виктор Орбан, победникот на изборите во Унгарија Петер Маѓар навести можно укинување на азилот за Груевски, па со тоа ја отвори вратата за можна екстрадиција.
Министерството за правда вели дека ги презема сите мерки да ги обезбеди потребните документи.
„Во текот на денешниот ден ќе биде доставено барање до надлежните судски органи и обвинителства и ќе се побараат потребните списи за сите предмети поврзани со лицето Никола Груевски. Откако од надлежните органи ќе ги добиеме потребните документи, Министерството за правда ќе постапи согласно позитивните законски прописи“, соопштија од Министерството за правда.
Ако се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“
Груевски има три пресуди во македонските судови, а два случаи се во тек.
Пронајдете не на следниве мрежи:


