Првото обраќање на Сиљановска-Давкова како претседателка помина без употреба на името на државава

Без да го спомне уставното име на државата помина првото обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по преземањето на должноста. Откако при заклетвата на инаугурацијата за претседател Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Република Северна Македонија, таа и на вчерашната свечената академија по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот во својот говор не го употреби уставното име на државата.

Новоизбраната претседателка во обраќањето во два наврати зборуваше за „македонската држава“, а во еден момент на почетокот од говорот рече дека „одбележуваме 75 години од формирањето на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’, а прославуваме и 80 години асномска Македонија“.

Во настапот таа се осврна на реформите што треба да се направат на најстариот универзитет за кои рече дека треба да бидат обмислени и суштински со цел да се создаваат генерации способни за предизвиците што ги носи дигиталната ера.

Сиљановска-Давкова рече дека судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет и оти УКИМ секогаш ги чувствувал предизвиците низ кои минува нашата држава.

„Образованието беше, е и мора да остане врвен приоритет на македонската држава“, рече Сиљановска-Давкова.

Пронајдете не на следниве мрежи: