Предметот за пожарот во „Пулс“ со 2 возила и полициска придружба се транспортира во Скопје Кривичниот суд ќе го оценува обвинителниот акт за 34 лица

Со два автомобила и со полициска придружба се врши транспортот на предметот за пожарот во диксотеката „Пулс“ од Основниот суд во Кочани до Кривичниот суд Скопје.

– Од Основниот суд во Кочани предметот, заедно со сите приложени списи и докази, се носи во Основниот Кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд. Таму ќе биде предаден на службите за понатамошна постапка – вели претседателот на Апелацискиот суд Штип, Тони Делев.

Тој посочува дека станува збор за обемен материјал, а доказниот материјал е сместен во две возила.

– Понатаму ќе одлучува Основниот Кривичен суд Скопје. Ќе се оценува обвинителниот акт, највероватно ќе има и приговори. Целата постапка ќе се спроведе како што предвидува законот – вели Делев.

Во истражната постапка за предметот „Пулс“ беа ангажирани сите судии во Основниот суд во Кочани, еден од Виница, тројца судии од Основниот суд во Штип и сите судии од штипска Апелација, кои одлучуваа за жалбените постапки и за решенијата за притвор.

Во овој предмет обвинети се 34 лица и три правни субјекти.

Во трагедијата во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.

Пронајдете не на следниве мрежи: