Протогеров и балканските масони

Во 1909 година мајорот Александар Протогеров ја посетува Швајцарија и лично се сврзува со претседателот на Меѓународното биро за масонски врски, Едвард Картие ла Тант, во францускиот Њу Шател. Член на Теозофското друштво, Протогеров сè уште не бил член на Сојузот на Слободните Ѕидари и во Швајцарија се запознава и „потпаѓа под влијание“ со неколку српски масони, кои всушност му ја договориле средбата со Картие ла Тант. Од шефот на Меѓународното биро за масонски врски, Протогеров побарал поддршка за влегување во српскиот масонски сојуз. Во почетокот на 20 век во Белград официјално веќе дејствувале две ложи – „Братство“ и „Единство“. На 10 декември 1909, Протогеров испраќа писмо до Големиот Мајстор на српската масонерија, Јован Алексиевич, во кое прашува дали Србите имаат своја ложа во Бугарија. Добил негативен одговор, но и покана да го посети Белград, за да поразговараат за неговата желба да стане масон. Алексеевич ја користи тогашната ситуација и во писмата до Протогеров неколку пати напоменува дека би било добро масонството во Бугарија и Србија да се развива заеднички, затоа што тоа било во интерес на двете држави. Во реалноста, истото изгледа како прв обид за распространување на влијание на туѓите масонски централи на Балканот. Сеуште нема архивски докази за средби помеѓу Протогеров и Алексиевич.

Познато е дека Александар Протогеров е примен во софиската ложа „Зарја“ – Зора, каде на 23 јуни 1914 станал ученик под реден број 26. На 26 ноември истата година е повишен во степен другар, а точно месец подоцна ја добива и мајсторската степен. Ложата Зора во Софија е оформена на 7 јануари 1914 година во Софија, според Шкотскиот стар и прифатен ритуал. Основачи се синот на еден од првите масони од Бугарија Иван Ведар – Димитар Ведар, заедно со уште девет масони од различни странски ложи кои работеле на Балканот во тоа време, меѓу кои и ложи во Солун, Кукуш и Битола. Во 1915 година го основаат легалниот институт за Воспитание – Зора, чиј прв претседател е проф. Александар Теодоров – Балан. Истата година ја објавуваат и првата масонска публикација во Бугарија. На 9 јуни 1917 година пристигнала долгоочекуваната вест, дека Големата ложа на Франција го одобрува барањето на ложата Зора да се трансформира во Голема Ложа на Бугарија. Веднаш започнале со подготовки на устав и декларација, ја разделиле Зарја на две ложи – Зора и Светлина и во периодот на крајот на 1917 и самиот почеток на следната година ја основаат првата Голема ложа на Бугарија. За прв Голем Мајстор при оформувањето на Големата ложа на Бугарија на 27 декември 1917 година е избран генерал Александар Протогеров.

Официјално, Големата ложа на Бугарија е „заспана“ во самиот почеток на Втората светска војна, но извештаите, прогонот на масоните и ситуациите по војната говорат дека браќата одржувале меѓусебни контакти, што се забележува од статиите на Георги Димитров и неколку други политичари од тоа време.

м-р Никола Ристевски

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.