Трамп не приложи докази за каква било комуникација со Путин, ниту кажа на која основа верува дека рускиот лидер ќе го ослободи Гершкович
Поранешниот американски новинар Доналд Трамп денеска објави дека ќе ја искористи врската со рускиот претседател Владимир Путин за да обезбеди ослободување на новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович, од руски затвор.
Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека тоа ќе се случи набргу по претседателските избори во САД во ноември, на кои има намера да го победи претседателот Џо Бајден и да се врати во Белата куќа.
„Еван Гершкович, репортер на ‘Волстрит журнал’, кој го држат руските власти, ќе биде ослободен речиси веднаш по изборите, но дефинитивно пред инаугурацијата. Тој ќе биде дома, безбеден и со своето семејство. Владимир Путин, претседателот на Русија, ќе го направи ова за мене и за никој друг, и ништо нема да платиме“,
порача Трамп.
Трамп не приложи докази за каква било комуникација со Путин, ниту кажа на која основа верува дека рускиот лидер ќе го ослободи Гершкович.
Запрашан за коментар, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече:
„Се разбира дека Путин не комуницирал со Доналд Трамп“.
Гершкович беше уапсен во Русија минатиот март под обвинение за шпионажа што тој, весникот во кој работи и администрацијата на Бајден ги негираа. Тој е во московски затвор повеќе од една година, а датумот на судење не е одреден.
Путин во февруари изјави дека може да биде ослободен во замена за Русин во германски затвор обвинет за убиство.
Рускиот суд пред еден месец ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.