Реконструирани се сите патеки во стариот градски парк, поставена е инфраструктурата, изграден е нов паркинг простор и игралиште за кошарка. Урбаната опрема е веќе обезбедена од изведувачот и складирана во ЈП „Чистота и зеленило“, информираа надлежните од општината.
Изградбата на паметниот парк во т.н. стар градски парк во Куманово почна во март минатата година. Со одлука на Владата, од буџетот на РСМ беа одвоени 11.226.061 денари за изградба на паркот.
Проектот се имплементира преку Североисточен регион, од чија страна беше распишана јавна постапка и како најповолен изведувач е избрана фирмата „Кооп инженеринг“ со која е склучен договорот. Подоцна поради, како што појаснија на седница на советот, надлежните од комунални дејности предвидени беа дополнителни 2,3 милиони денари за изградба на рабници, бекатон, шахти.
Изградбата на Смарт парк се спроведува преку проектот на Центарот за развој на североисточниот плански регион „Подобрување на инфраструктурата за развој на алтернативни форми на туризам, спорт и животна средина“ со кој се предвидени повеќе активности.
-Опремета сè уште не е поставена бидејќи сакаме целосно да го завршиме проектот и на крајот да ја поставиме урбаната опрема, за да го спречиме ризикот од нејзино оштетување, соопшти кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Тој нагласува дека се планирани и дополнителни средства за да биде комплетен смарт парк со поставени над 5000 метри квадратни, пешачки тартан патеки и уште толку велосипедски патеки, со нови содржини за спорт и рекреација, со детски катчиња и катче за миленици.
-Куманово заслужува модерен простор за рекреација на отворено, како еден од најмодерните паркови во државата, рече Димитриевски.
Во паркот нема да биде поставен подземен систем за наводнување, поради скапото одржување и, како што кажа Димитриевски, по сугестија на компании не е препорачлив за јавни површини, поради можно често оштетување од граѓаните.
Стариот градски парк во Куманово сместен покрај течението на Липковка во минатото бил култно место за рекреација на старите кумановци. Паркот се простира на површина од 38 илјади квадратни метри. Според податоците на ЈП „Чистота и зеленило“ во паркот има над 370 претежно листопадни дрвја.
Пронајдете не на следниве мрежи: