Рибата ги намалува симптомите на ревматоидниот артритис

Поимот артритис опфаќа група на болести кои предизвикуваат болка, оток и вкочанетост во зглобовите, а ги погодува лицата од сите годишни групи. Постојат бројни видови на артритис од кои напознати се ревматоидниот артритис, автоимуна болест и остеоартритис кој настанува поради истрошеност на зглобовите.
Една нова студија покажала дека јадењето морска храна ги намалува болките предизвикани од ревматидниот артритис (RA) – луѓето со RA кои јаделе риба најмалку двапати неделно имале помали отоци на зглобовите отколку оние кои ретко или воопшто не ја јаделе – а резултатите сугерираат дека колку повеќе риба јаделе, толку помалку активна била болеста.

Студијата вклучувала 176 луѓе со RA кои одговарале на прашања врзани со нивната исхрана во времетраење од една година. Нејзините автори биле заинтересирани за тоа колку често луѓето јаделе туна, лосос, сардини или други риби, и дали тие биле подготвени со печење или варење, или пак биле јадени сурови.
Не било истраженo дали испитаниците често јаделе пржена риба, школки или риби во мешани јадења, бидејќи тие оброци имале многу помалку омега-3 масни киселини – тип на маснотии кои имаат анти-воспалувачки карактеристики.

Истражувачите заклучиле дека бројот на отечени зглобови како и крвните маркери за воспалување биле пониски кај оние кои јаделе најмногу риба (2 пати неделно, и повеќе), во споредба со останатите. Ова било заклучено откога резултатите биле прилагодени според повеќе фактори кои инаку би можеле да влијаат на нив, како што се староста, полот, индексот на телесна маса, депресијата, лековите кои се земани, брачната состојба, како и внесот на масти од рибино потекло во вид на суплементи и сл.
Заклучокот на авторите на студијата бил дека поголемиот внес на риба најверојатно е поврзан со пониската активност на болеста кај луѓето кои боледуваат од RA, а доколку истите резултати можат да се реплицираат и кај друга популација во подолг временски период, би можеле да се зацврснат овие докази.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.