Денеска се очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за нови цени на горивата. Очекувањата се дека тие ќе поскапат имајќи ги предвид движењата на светските берзи, но Владата вчера го намали ДДВ-то за горива од 18 на 10 проценти што треба да влијае на намалување на цената на горивата.
Според пресметките на Владата, со ваквиот чекор цените на бензините треба да останат непроменети, а на дизелот би се зголемила од 3 до 3,5 денари.
Одлуката на Владата стапува на сила од полноќ од кога треба да стапат на сила и новите цени на горивата што денеска ќе ги донесе РКЕ и ќе трае во следните две недели со можност да се продолжи доколку ситуацијата го налага тоа.
Ова е прва одлука на Владата од почетокот на кризата на Блискиот Исток пред три недели.
Денеска, според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, треба да има и средба меѓу министерката за енергетика и раководството на ОКТА за дополнително намалување на набавната цена на горивата.


