Генералниот сектетар на НАТО, кој е во посета на земјава, на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова нагласи дека Алијансата не е директно вклучена во последните случувања на Блискиот Исток, но напомена дека НАТО ќе го одбрани секој дел од територијата на земјите-членки, и Северна Македонија.
Нашите воени команданти секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени земајќи ја предвид секоја закана, нагласи Руте одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква е позицијата на НАТО по последните случувања на Блискиот Исток и каков може да биде одговорот на Алијансата доколку дојде до ескалација на состојбата.
-НАТО не е вклучен, но да бидеме јасни што се случува. Иран има капацитети за користење на проектили, што е опасност не само за регионот на Блискиот Исток, туку е опасност и за нас во Европа. Знаеме дека Иран е извезувач на хаос и тоа го прави со децении преку терористички напади, обиди за атентати. Можам да ви кажам од моето лично искуство дека многу лица се во опасност од иранскиот режим. И зборувам тука за режимот . Можам да ве уверам дека НАТО ќе го одбрани секој дел од својата територија. Нашите воени команданти секојдневно работат на ова земајќи ја предвид секоја закана, нагласи Руте.
Во врска со тоа дали во НАТО постои единство за случувањата, Руте напомена дека ова е кампања што ја води САД и Израел, но многу сојузници даваат поддршка, што не е дел од кампањата, туку повеќе логистика.
. Разговарав со многу лидери за време на викендот и оваа измината недела и чувствувам дека отстранувањето на нуклеарните капацитети и балистичките проектили и исто така Хамнеи е нешто што е поддржано од сите мои колеги во НАТО, рече Руте.
Сиљановска-Давкова нагласи дека посетата на Руте е јасен знак дека НАТО е со нас и потсети дека и во самиот говор тој посочил дека НАТО ќе ги брани сите негови членки доколку се најдат во положба да бидат нападнати.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија доколку НАТО во иднина интервенира каде било на Блискиот Исток би го поддржала тоа, таа истакна дека каков било разговор за активности на Алијансата не може да се води само со изјава на еден претставник на земја на НАТО, туку во рамките на самата Алијанса.
Сиљановска-Давкова и Руте на заедничката прес-конференција нагласија дека денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
Сиљановска-Давкова истакна дека НАТО не е само воен сојуз, туку дека е и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и што е најважно, вели, на заедничка визија за безбедна иднина и оти земјава продолжува да биде одговорна членка на алијансата.
-Одговорно тврдам на крајот дека најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија, заклучи Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со Руте.
Марк Руте нагласи дека Северна Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на алијансата..
-Исто така сакам да ја пофалам поддршката на Северна Македонија за Украина, вклучувајќи ги вашите придонеси кон нашата команда во Германија што дава безбедносна помош и обуки за Украина и кон нашата иницијатива што дава помош која што е потребна. Мораме ова да го продолжиме за да може да се одбранат нашите сојузници од сите страни и да се одржи мирот кога ќе прекине нападот и да се спречи секоја идна агресија од Русија. Од вашата источна страна, од вашето соседство, јасно е дека мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност и тука Северна Македонија игра значајна улога во заштитување на безбедноста на Западен Балкан, регион од стратешко значење за нашиот сојуз, истакна тој.


