Сведоштва од земјотресот во Петриња: „Ѕидовите и мебелот ‘играа’ околу нас“

Хрватска два дена ја потресуваат земјотреси. Најпогоден е градот Петриња, каде токму во ова време во посета беше соработникот на Дојче веле, Матијас Грим. Сведоштва од прва рака.
Кога во понеделникот (28.12.2020) попладнето стигнав во Петриња, претходно веќе имаше два земјотреси од средна јачина, 5,2 степени по Рихтер. Настанаа само полесни материјални штети: скршени стакла и мал шок кај граѓаните.
Петриња е мало, мирно гратче со 25.000 жители, а јас добро го познавам, моите братучеди се родени и израснаа во Петриња, во детството често ги посетував. Го сакам местото иако уште носи лузни од војната 1991-1995, по фасадите се гледаат траги од истрелите и има нерасчистени мински полиња.
Вчера (29.12.2020) тетка ми вареше кафе, братучеда ми уште спиеше, а братучед ми си ги миеше забите кога одеднаш куќата, мебелот почнаа да се нишаат и да вибрираат со интензитет кој е тешко да се замисли ако не го доживееш лично, едноставно „играа“ околу нас.
Братучед ми почна во паника да вика по сестра му, која со солзи панично истрча од собата, нагло оттргната од сонот. Се држевме еден за друг додека куќата се нишаше.
Со четка за заби в уста


Сите информации за начинот на однесување во случај на земјотрес, застанување до носечки ѕидови, сокривање под масивна маса, настрана од шкафови – беа како одвеани. Единствена мисла ни беше – надвор од куќата, за која имавме чувство дека секој момент ќе се урне.
Претходно моравме да го земеме болниот дедо на братучед ми од собата, додека околу нас паѓаа лустери и регали од ѕидовите. Панично истрчавме, боси, во пижами, братучед ми со четката за заби во уста.
Дојче веле во Петриња: Силниот земјотрес уништи се’
Падна оџакот
Никој од нас не знае колку долго бевме во куќата што се стресе. Извештаите велат дека потресот траел 20-30 секунди. Надвор веднаш ги видовме штетите – паднат оџак, искршени герамиди.
Потоа нов потрес, послаб, но под нашите нозе тлото се подигна, проследено со далек татнеж, кој се чини доаѓаше од внатрешноста на земјата. Следеа околу 20 натамошни потреси.
Непрегледна колона возила
Кратко по првиот земјотрес чувме сирени. Тетка ми живее директно на сообраќајната поврзница меѓу Петриња и Сисак, следниот поголем град, па целиот сообраќај се одвива тука покрај нејзината куќа. На почеток дојдоа одделни спасувачки возила. Потоа доаѓаа сѐ повеќе, брза помош, пожарникари, камиони и дури и багер. Цел ден се точкаа бескрајни колони од возила за итна медицинска помош со сирени.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.