Сиљановска се прекрши во ОН: „Мојата држава, Република Северна Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пркосно одби да го изговори новото име на државата при поднесувањето на заклетвата во Собранието, но од говорницата на Обединетите нации го кажа без ни малку колебање – „Мојата држава, Република Северна Македонија“.

Во делот од излагањето на шеф на македонската делегација во дебатата на генералното собрание, зборувајќи за јазот меѓу правдата и правото во меѓународните односи, Сиљановска рече:

„Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски“.

Таа зборуваше за неправдите кои ѝ беа направени на Македонија уште со приемот во ОН под привремената референца во 1993, а потоа и за Преспанскиот договор со кој беше сменето името и решен спорот со Грција, повикувајќи се на времето кога беше професорка по уставно право и член на Венецијанската комисија:

„Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно ‘се заборави’ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година.

Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на прогрес.

Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно ‘последен услов’ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат“, рече Сиљановска.

Потоа, во делот околу Македонија, таа зборуваше дека онаму каде што има вето често пати има и неправди и од нашите стратешки партнери побара разбирање и „праведно деблокирање на процесот“ за преговори со ЕУ“.

„Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето, зошто каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија.

Целиот говор прочитајте го на следниот линк:

Пронајдете не на следниве мрежи: