Скандал го потресе Лондон: Дали британските специјални сили со години прикривале воени злосторства?

Двајца поранешни команданти на британските специјални сили прикриле докази за можни воени злосторства во Авганистан, објавија АФП и Би-Би-Си, повикувајќи се на сведоштво од поранешен член на единицата кое стана јавно во понеделник.

Истрага започната во Велика Британија во 2023 година се занимава со обвинувања поврзани со операцијата на британските специјални сили во Авганистан помеѓу 2010 и 2013 година. Десетици семејства водат судски постапки поради наводно убиство на затвореници, невооружени цивили, жени и деца.

Поранешниот висок офицер, идентификуван само како N1466, на затворените расправи ѝ рече на комисијата дека двајца поранешни команданти и други високи членови на специјалните сили не одговориле на неговите сериозни сомневања дека единиците нелегално убивале невини луѓе за време на операциите пред повеќе од една деценија.

Според него, тој прво го предупредил директорот на специјалните сили на почетокот на 2011 година, но потоа не биле преземени никакви мерки. Тој тврди дека неговите претпоставени всушност му отежнале да „го стори она што е исправно“ и дека ја изгубил довербата во нивната подготвеност да ги пријават обвинувањата на воената полиција.

Н1466, исто така, рече дека дошол до заклучок дека проблемот со вонсудските егзекуции не е ограничен на мал број војници или една единица, туку може да биде многу пошироко распространет. Би-Би-Си го нарече неговото сведочење пресвртница, бидејќи токму највисоко рангираниот поранешен офицер на специјалните сили тврди дека нивното раководство прикривало докази за воени злосторства.

Авганистанските семејства ја обвинија елитната единица на британската армија, позната како САС, за убивање цивили. Уште во 2022 година, Би-Би-Си објави дека одред на САС уби најмалку 54 лица, вклучувајќи затвореници и деца, под сомнителни околности за време на шестмесечна мисија во Авганистан.

Британската воена полиција претходно истражуваше повеќекратни обвинувања за злоупотреби од страна на војници во Авганистан, вклучувајќи ги и членовите на САС, но Министерството за одбрана соопшти дека во ниту еден од случаите не се пронајдени доволно докази за покренување обвиненија.
The post Скандал го потресе Лондон: Дали британските специјални сили со години прикривале воени злосторства? appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: