Скопје кон модерен систем за јавен превоз

Градоначалникот на Градот Скопјe, Орце Ѓоргиевски, денес одржа работен состанок со тимот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Македонија, предводен од директорот Фатих Туркменоглу, на кој беше направена конечна координација за следните чекори во имплементацијата и оптимизацијата на проектот за брз автобуски транзит (ББТ).

Со финализирањето на овие координации, проектот за брз автобуски превоз влегува во фаза на имплементација, што претставува важен чекор кон поефикасен, одржлив и поквалитетен јавен превоз за Скопје.

Како што соопшти Градот Скопјe, на состанокот е потврдена заедничката определба за успешна имплементација на проектот, кој претставува една од најважните инвестиции во модернизацијата на јавниот превоз во Скопјe.

По добивањето на мандатот, преку интензивна координација со Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и други надлежни институции, беа надминати долгогодишните пречки што го блокираа проектот и беа создадени услови за негова имплементација. BRT ќе обезбеди побрз, побезбеден, посигурен и еколошки попријателски јавен превоз, ќе придонесе за намалување на сообраќајните метежи, подобрување на квалитетот на воздухот и подобар квалитет на секојдневниот живот на граѓаните.

„Воедно, беше нагласено дека проектот нема да се спроведува на сметка на постојното зеленило на булеварот. Напротив, се планираат нови зелени површини и дополнителни хортикултурни пејзажи, што ќе обезбеди помодерен, позелен и похуман урбан простор“, нагласува Градот Скопјe.

Проектот BRT е дел од поширока стратегија за модернизација на јавниот превоз во Скопјe. Паралелно, се работи на воведување на градски воз во соработка со Министерството за транспорт, набавка на 100 нови автобуси преку Владата и оптимизирање на автобуската мрежа, со цел создавање интегриран, функционален и современ систем за урбана мобилност.
The post Скопје кон модерен систем за јавен превоз appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: