Сопругата на помошник-директорот во МВР – Чалшев – именувана за државен правобранител за Скопје

Катерина Караколева Менис, сопругата на помошник-директорот на Одделот за криминалистичка полиција, Илија Чалшев Менис, е именувана за државен правобранител во државното правобранителство за подрачјето на Скопје.

Владата за оваа функција објавила оглас на 17 април и Караколева Менис била избрана по претходно прибавено мислење од државниот правобранител на државата.

Чалшев Менис беше именуван за помошник-директор на Одделот во август минатата година од страна на тогашниот министер во техничката влада, а сега актуелен министер за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

„Слободен печат“ испрати прашања до Владата дали именувањето на Караколева е непотизам, но оттаму тврдат дека постапката била целосно транспарентна и дека не постоел судир на интереси, но не го споменуваат непотизмот.

– Изборот е направен согласно јавен оглас при што кандидатот ги исполнуваше сите предвидени услови во огласот и важечката законска регулатива. Оттука Ви укажуваме дека постапката е реализирана според законски процедури и нема ништо спротивно на законските. Врз основа на тој оглас, при претходно спроведената постапка е донесена одлука за именување од страна на Владата. Важно е да се знае дека целиот процес е јавен и транспарентен. Дополнително не станува збор за две лица именувани од страна на Владата за да постои судир на интереси – велат од Владата за „Слободен печат“.

 

Извор: Слободен Печат

Пронајдете не на следниве мрежи: