Владата го намали данокот за горивата од 18 на 10 проценти како мерка за ублажување на кризата со нафтените деривати предизвикана од ексалацијата на состојбата на Блискиот Исток.
Ова е прва мерка што ја воведува Владата по три недели од почетокот на кризата на Блискиот исток. Очекувањата на Владата се дека со оваа мерка цената на горивата би се намалила од 6 до 7 денари.
– Врз основа на нашите пресметки и движењата на светските берзи очекуваме предлогот на РКЕ да биде зголемување за бензините 95 и 98 од 6,5 денари за литар, а за дизелот 10 денари за литар. Како одговорна Влада донесовме одлука да се намали ДДВ-то на горивата од 18 на 10 проценти и доколку ова се земе во предвид очекуваме цената на бензините да остане иста, а цената на дизелот да се зголеми од 3 до 3,5 денари по литар, рече Мицкоски попладнево на прес-конференција.
Мерката ќе трае од утре на полноќ во следните две недели. Доколку има потреба ќе биде продолжена и понатаму.
Утре министерката за енергетика ќе се сретне со раководството на ОКТА за да се намали дополнително набавната цена и да им се овозможи на бензинските пумпи да продаваат горива пониски од максимално утврдената од Регулаторната комисија за енергетика.
Засега не се размислува за намалување на акцизата, ниту за забрана или за ограничување на точењето горива за граѓаните од соседните држави.
Според Мицкоски, со оваа мерка земјава ќе има најниски цени на горивата во регионот.
Мицкоски уверува дека состојбата е стабилна и дека земјата има доволно резерви на горива.
– Во разговор со сите поголеми снабдувачи кои сочинат 95 проценти од пазарот добивме одговор дека немаат проблем со снабдувањето и дека имаат количини поголеми од законски предвидените пет дена, а државата има за 60 дена. Така што од тој аспект состојбата е стабилна, но секако има ризици и тие не зависат од нас, рече Мицкоски.
Стабилна е и состојбата со гасот, рече Мицкоски, додавајќи дека се обезбедени количини до април.
Според премиерот, стабилна е состојбата и во електроенергетскиот сектор. Единствен предизвик е цената на Мазутот за што се размислува на владина седница во вторник да се интеревнира кон ЕЛЕМ со околу две илјади тони мазут за да нема ефект врз цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата.
Цената за барел нафта на светските берзи постојано расте, а неизвесноста се зголемува по најавите на американскиот претседател Доланд Трамп дека ќе ги уништи електраните во Иран доколку не се отвори Ормускиот теснец.
Соседните држави веќе воведоа неколку мерки за ублажување на кризата почнувајкќи од намалување на даноците и акцизите, а некои дури забранија и точење на гориво за странски државјани. Во Словенија веќе се чувствува недостиг на гориво.


