Со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување од најмалку 100 евра на останатите примања, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска протестираше пред Собранието, објави 4news.mk
Од ССМ најавија дека синдикалните активности ќе продолжат и во наредните денови. Во четврток работниците ќе ја блокираат Стопанската комора, а во вторник протестот ќе се пресели пред Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, упати критики до носителите на извршната и законодавната власт, изразувајќи надеж дека премиерот и министрите „ќе тргнат пешки до своите работни места и ќе поминат покрај работниците“, наместо да користат службени возила. Тој посочи дека работници ќе бидат распоредени на две локации пред Владата.
Трендафилов ги прозва и пратениците, тврдејќи дека дел од нив дошле на работа рано наутро за да избегнат средба со демонстрантите. Според него, за денешниот ден тие не треба да бараат патни трошоци.
„Ќе се обратиме до претседателот на Собранието со барање како информација од јавен карактер да нè извести кој пратеник побарал надомест за патни трошоци за денешниот ден“, рече Трендафилов, додавајќи дека јавноста треба да знае дали некој наплатил 100, 150 или 200 евра за доаѓање на работа.
ССМ останува на ставот дека зголемувањето на платите е неопходно за подобрување на животниот стандард на работниците и најавува продолжување на притисокот сè додека нивните барања не бидат разгледани.



