четврток, 12 ноември 2026
Најново

ССНМ и ЗНМ: Повикот на ОЈО може негативно да се толкува

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

По објавата на Јавното обвинителство во кое меѓу другото од новинарите се бара внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање, реагираа од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија.
– Наместо прецизно да укаже на евентуални конкретни пропусти во известувањето, ОЈО со денешното јавно соопштение генерално предупредува дека шпекулациите и невистините поврзани со предметите за кочанската трагедија можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност кај семејствата на жртвите и кај јавноста. Сметаме дека ваквиот повик, може негативно да се протолкува во јавноста, особено ако не е јасно наведено на кои конкретни случаи на неетичко или непрофесионално известување се однесува. Во таков контекст, пораката може да остави впечаток на обид да се стишаат критичките гласови и да се ограничи јавната дебата за прашања од висок јавен интерес, стои во реакцијата.
–
     Ова, како што информираат ССНМ и ЗНМ, денеска било посочено и во директната комуникација со претставници на Овинителството.
– Професионалното и етичко известување е обврска на медиумите и новинарите, додека новинарските организации имаат улога да ги промовираат стандардите, да укажуваат на нивното значење и да реагираат кога тие се прекршуваат. Но, тие не можат и не треба да бидат ставени во позиција да „гарантираат“ за секоја објава или уредувачка одлука. Потсетуваме дека во случаи кога постои сомнеж за неетичко и непрофесионално известување, веќе постојат механизми за постапување, меѓу кои се претставките до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија, велат од ССНМ и ЗНМ.

Поврзани вести