Стапката на невработеност во Шпанија падна на 9,87 отсто, најниско ниво во последните 18 години

Стапката на невработеност во Шпанија во вториот квартал од годината падна на 9,87 отсто, што е најниско ниво од 2008 година. Според шпанскиот Национален институт за статистика (INE), бројот на вработени се зголемил на 22,779 милиони, откако во периодот од април до јуни биле отворени 486.000 нови работни места. Во исто време, бројот на невработени се намалил за 213.300 лица, со што стапката на невработеност паднала под 10 отсто.

Растот на вработеноста се совпадна со почетокот на летната сезона, период кој традиционално е поволен за вработување, особено во услужниот сектор. Во текот на кварталот се зголемила и работната сила, за 272.700 лица, достигнувајќи рекордни 25,27 милиони. Ова го одразува растот и на бројот на вработени и на бројот на луѓе кои сакаат да се приклучат на пазарот на трудот.

Најголем дел од новите работни места биле отворени во услужниот сектор, поттикнат од туристичката активност, иако раст на вработеноста е забележан и во градежништвото и индустријата. Земјоделството, од друга страна, било единствениот сектор во кој бројот на вработени се намалил во овој период.

Каталонија забележала најголем апсолутен раст на вработеноста, додека Балеарските Острови имале најголем процентуален раст.

Растот на вработеноста главно се должи на зголемувањето на бројот на вработени со плата и на полно работно време. Речиси три четвртини од вработените сега имаат договори на неопределено време, додека бројот на привремено вработените продолжува да се намалува, особено во приватниот сектор. Од вкупно 486.000 новоотворени работни места, 405.400 биле со полно работно време.

Бројот на вработени во приватниот сектор во текот на кварталот се зголемил за 501.600, додека во јавниот сектор се намалил за 15.600. Според сезонски прилагодените податоци, вработеноста пораснала за 0,54 отсто во однос на претходниот квартал.

Најновите податоци покажуваат дека на Шпанија ѝ недостигаат уште само 221.000 работни места за да ја достигне владината прогноза од 23 милиони вработени до крајот на 2026 година. Министерот за економија Карлос Куерпо ја постави оваа цел во февруари 2025 година, врз основа на очекуван раст на вработеноста од околу 500.000 лица годишно.

Пронајдете не на следниве мрежи: