Стерјовски: Побаравме од МЕНР на Албанија да потпише договор со соседните земји за меѓусебно признавање на малцинствата на реципроцитетна основа

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски, гостуваше во емисијата „60 минути” на албанската телевизија СКАН, на тема прашања и проблеми на малцинствата во оваа земја.

Меѓу другото изјави дека македонската заедница има предложено до албанското Министерство за Европа и надворешни работи (МЕНР) да потпише договор со Северна Македонија, Црна Гора и Грција за меѓусебно признавање на малцинствата на реципроцитетна основа.

– Само една работа сакам да ви појаснам. Ние, конкретно како македонска заедница, побаравме од Министерството, пред години, да преземе иницијатива и да воспостави меѓусебно признавање на малцинствата со сите земји во регионот. Со сите земји во регионот, да потпишеме со Македонија, Црна Гора и Грција, рече тој.

Предложивме, додаде, да потпишеме договор за меѓусебно признавање на малцинствата и да „направиме правна рамка, што ќе дадеме ние овде, што ќе дадете вие таму по основ на реципроцитет”.

На прашањето на новинарот: Како се изразија? Стерјовски одговори дека „од албанските институции немаше никаков одговор”.

Како и на гостувањето на МЦН телевизија, деновиве, и овој пат зборувајќи за бројноста на македонската заедница во оваа земја, рече дека реално брои над 100 илјади на целата територија на Република Албанија и доколку „би бил спроведен реален попис тоа ќе се потврди”.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.