Судскиот совет ја предлага Мери Дика Георгиевска за судија на Уставниот суд

  Судскиот совет ја предлага Мери Дика Георгиевска, судија на Апелациониот суд, за судија на Уставниот суд. На денешната седница 10 членови на Судскиот совет гласаа „за“, еден беше против, а судијката Антоанета Димовска се иззема од точката на дневен ред.

Судиите, членови на Судскиот совет, кои ја поддржаа кандидатурата на Дика Георгиевска, истакнаа дека таа ги исполнува сите услови за уставен судија, дека станува збор за професионалец кој има познавање на судовите од прв степен до највисоките судови, има личен и професионален интегритет, долгогодишно искуство, а дала и придонес за развојот на стручната и теоретската мисла и на правниот систем.
Судијката Елизабета Дуковска, која повторно се кандидираше за уставен судија, не ја доби поддршката од членовите на Судскиот совет, поради недоволен број години работно искуство, а една од забелешките се однесуваше и за придонесот за развојот на стручната и теоретската мисла и на правниот систем во последните години.
Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието за време од девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.
Функцијата судија на Уставниот суд е неспоива со вршењето друга јавна функција, професија или членување во политичка партија. Судиите уживаат имунитет како и пратениците во Собранието. За имунитетот на судиите одлучува Судот во постапка предвидена со Актот на Судот.
Според Уставот, двајца судии на Уставниот суд предлага Претседателот на Републиката. Судскиот совет на Републиката предлага двајца судии на Уставниот суд од редот на судиите. Согласно уставната определба со Амандманот XV од Уставот, Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заед­ниците кои не се мнозинство во државата.

Пронајдете не на следниве мрежи: