Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција информираше дека пред трагичниот настан во скопски Карпош во кој починаа мајка и дете имало пријава за расправија меѓу сопружниците. Полициските службеници пристигнале во 12:19 часот по што бил извршен разговор со сопругата која изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не сака да се поведе постапка.
Тошковски рече дека имало пријави, но дека сопругата се откажувала од поведување постапка, а допрва треба да се утврди дали под присила постапувала така.
Сопругот, како што изјави, е задржан во полициска станица под сомнение дека сторил неколку кривични дела – наведување на самоубиство и нанесување на телесни повреди.
Полицијата, како што изјави, има и видео снимка како тој ја удира сопугата.
Според информациите со кои досега располага полицијата, во моментот на трагичниот настан во станот биле заклучени само мајката и детето и немало трето лице.
Како што информира Тошковски, во изминатите две години против сопругот на починатата жена имало десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога.
Во 2025 и 2026 година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи меѓу сопружниците.
Најави дека од денеска секој потенцијален сторител на семејно насилство ќе биде повикан на информативен разговор.


