Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола одбележа 25 години од своето формирање, јубилеј посветен на четврт век служба во функција на безбедноста на граѓаните и државата. На свеченоста пред Офицерскиот дом беа истакнати улогата на единицата во безбедносниот систем, нејзиниот развој од формирањето во 2001 година до денес, како и заложбите за натамошна модернизација, опремување и професионално усовршување на припадниците.
Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека зад денешниот капацитет и углед на Единицата стојат генерации полициски службеници кои со своето знаење, искуство, дисциплина и пожртвуваност ги поставувале стандардите што денес ги продолжуваат новите генерации припадници.
„Денес ЕБР е многу повеќе од една организациона единица во рамките на Министерството за внатрешни работи. ЕБР е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем на државата. Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност – припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни. Токму затоа мотото ‘Секогаш и секаде’ не е само слоган, туку опис на професионалната мисија на ЕБР”, истакна министерот Тошковски.
Осврнувајќи се на идниот развој на полицијата и безбедносните предизвици, министерот потенцираше дека организираниот криминал и современите ризици бараат нов пристап, модерна опрема и врвно обучен кадар.
– Безбедносните предизвици денес се многу поразлични од оние пред дваесет и повеќе години. Организираниот криминал постојано се менува. Криминалните структури стануваат сѐ помобилни и пософистицирани. Современите безбедносни ризици бараат побрза размена на информации, подобра координација, современа технологија, специјализирана опрема и, пред сѐ, врвно обучени луѓе. Затоа не можеме полицијата на иднината да ја градиме со методите од минатото. Нашата цел е јасна: модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на сите предизвици на современото време – рече Тошковски.
На свеченоста се обрати и командантот на Единицата за брзо распоредување, Стојанче Николов, кој се осврна на 25-годишниот развој на ЕБР и на луѓето кои низ годините го граделе нејзиниот професионален углед. Тој нагласи дека денешната ЕБР е резултат на генерации припадници кои ги пренесувале знаењето, искуството, дисциплината и чувството на припадност кон Единицата.
„За еден командант нема поголема чест од тоа да предводи луѓе на кои може да им верува кога е најтешко. За мене е особена чест и привилегија што токму во годината кога Единицата одбележува четврт век постоење ја имам одговорноста да бидам нејзин командант. ЕБР не ја создава еден командант – ја создаваат нејзините луѓе, сите генерации што поминале низ нејзините редови и секој припадник кој оставил дел од себе во она што Единицата претставува денес. Наша обврска е Единицата што ја наследивме да ја оставиме уште подобра, попрофесионална и посилна”, истакна Николов.
Во рамки на одбележувањето беше изведена и тактичко-показна вежба, во која припадниците на Единицата за брзо распоредување ги демонстрираа своите врвни професионални и оперативни вештини, подготвеноста, координацијата и способноста за дејствување во сложени безбедносни ситуации, на големо задоволство на присутните гости и граѓани.
По повод големиот јубилеј беа доделени признанија на пријатели и поддржувачи на Единицата, како и плакети за најдобриот припадник на ЕБР и за полициските службеници кои се дел од Единицата од нејзиното формирање, односно цели 25 години, како признание за нивната долгогодишна посветеност, професионалност и придонес во градењето и развојот на Единицата.
Одбележувањето на 25-годишнината беше и можност да се оддаде признание на сите сегашни и поранешни припадници на ЕБР, како и со особена почит да се зачува споменот на загинатите и починатите припадници чија служба и жртва остануваат трајно вградени во историјата на Единицата за брзо распоредување и македонската полиција.



