Туск: Русија подготвува ескалација во Украина и во регионот, Полска мора да биде првата што ќе помогне ако ја нападне Естонија

Полскиот премиер Доналд Туск денес во Олстин во северна Полска предупреди дека Русија подготвува сериозна ескалација во Украина и регионот во следните седум до осум критични месеци и дека ако ја нападне Естонија, Полска мора да биде првата што ќе ѝ дојде на помош и ќе го мобилизира НАТО за силен одговор.

Полскиот премиер, на средба со млади луѓе на социо-политичкиот фестивал Кампус Полска во Олстин, рече дека владата е во постојан контакт со разузнавачките служби на сојузниците и дека нема вести што би го изненадиле.

„Познато е дека Русија се подготвува за многу сериозна ескалација на тензиите, како во војната со Украина, така и во целиот регион, и дека оваа есен и зима ќе бидат клучни за Русија. Тоа не е тајна, може да се види, постојат различни методи за препознавање на ваквите акции, на пример подготовки за мобилизација“, рече Туск.

Полскиот премиер рече дека Полска мора да биде подготвена и да направи сè за да се осигури дека НАТО нема да остане само празен збор на хартија.

„Јас сум последниот што бара авантури. Не ги сакам романтичарите во политиката, коњаниците што се шетаат на ветерот. Правам сè за да ја заштитам Полска од какви било конфликти со нејзините соседи. Но, Русија денес е агресор, агресор и кон земјите од НАТО, и сите мора да бидеме како една тупаница тука“, рече Туск.

Доналд Туск заклучи во разговор со младите луѓе дека Русија сигурно не планира да мобилизира 600.000 војници за мировни операции.

„Мора да бидеме подготвени за разни можни околности, бидејќи следните седум до осум месеци ќе бидат критични“, рече Туск, пренесува „Бета“.

Пронајдете не на следниве мрежи: