Удар за антивакцинерите

Француската влада го достави до собранието закон со кој им се овозможува на оние кои се вакцинирани пристап до јавниот превоз, рестораните, културните институции и други јавни места.
Премиерот Жан Кастекс во понеделникот го достави законот за воспоставување на долгорочен систем за управување со вонредни ситуации до собраниската процедура, а тој закон е познат и како „зелен вакцина пасош“, поради одредбите што условуваат пристап до одредени активности и места на основа на вакцинацијата.
Според тој закон, премиерот има право да одобри движење на лица, нивен пристап до јавниот превоз или одредени места врз основа на тест со кој се утврдува дека лицето не е заразено или по превентивен третман кој вклучува вакцинација против коронавирус, пренесува агенцијата Анадолија.
Дебатата за тој закон започна минатата недела, кога членовите на либералните и центристичките партии предложија воведување на таканаречен „зелен пасош“ за луѓето кои се вакцинирани, со образложение дека вакцинираните имаат право да живеат нормално.


Поради тој закон, ултрадесничарката Марин Ле Пен напиша дека нејзината партија никогаш нема да í дозволи на владата „присилно да воведе нешто што не успеала да го наметне со доверба“ и дека граѓаните кои не се вакцинирани не смеат да се сметаат за граѓани од втор ред.
Пратеникот Фредерик Дима на Твитер исто така напиша дека тоа нема да им го дозволи на францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот Жан Кастекс.
Повеќето истражувања покажаа дека Французите се многу скептични во однос на вакцинацијата и дека само околу 40 проценти од граѓаните се подготвени да се вакцинираат. Со овој закон, Франција би била првата земја во Европа која би вовела вакви „пасоши“.
Шефот на авио-групацијата АДП, Огист де Роман, изјави дека идејата за ваквите пасоши, односно вакцинација пред патувањето, веќе постои за некои дестинации и дека постоела и пред пандемијата на коронавирусот.
Тоа го изјавил за телевизијата БФМ и додаде дека не знае дали вакцинацијата против коронавирусот ќе стане задолжителна, но верува дека тоа не е никаква нова идеја.
– На пример, не можете да патувате во Танзанија без да бидете вакцинирани против маларија. Така што таа идеја не е нова – рече тој.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.