ИЗРАЕЛ: Ултранационалистички министер посети светилиште во Источен Ерусалим

Новиот израелски министер за национална безбедност, ултра-националистот Итамар Бен-Гвир, рано утринава посети свето место кое е во центарот на тензиите во источен Ерусалим, и покрај заканите од палестински Хамас.

– Нашата влада нема да попушти пред заканите на Хамас, рече Бен-Гвир денеска, додека исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Појасот Газа, ја нарече намерата на министерот да го посети храмот „увертира за ескалација во регионот“.

Во придружба на многу полицајци, Бен-Гвир влезе во светото место кое Евреите го нарекуваат Планина на храмот, а муслиманите го нарекуваат Возвишено светилиште (Харам ал-Шариф), каде некогаш се наоѓале древните еврејски храмови, а сега таму е џамијата Ал Акса, трета по важност во исламот.

Овој министер веќе подолго време бара полесен пристап до светото место, што Палестинците го сметаат за провокација и потенцијален претходник на целосното преземање на израелската контрола врз него.

На Евреите им е дозволено да ја посетат Планината на храмот, но не и да се молат таму.

Повеќето рабини забрануваат молитви, но во последните години се зајакна движењето на Евреите кои ги поддржуваат.

Објавената намера за посетата неодамна предизвика закани од Хамас.

Портпаролот на таа организација Хазем Касем денеска изјави дека влегувањето на Бен-Гвир во светилиштето е „продолжение на агресијата на ционистичкиот окупатор врз нашите свети места и војната против арапскиот идентитет“.

– Нашиот палестински народ ќе продолжи да ги брани своите свети места и џамијата Ал Акса, изјави портпаролот на Хамас.

Бен-Гвир ја предводи ултра-националистичката партија Еврејска моќ и е познат по провокативните изјави и акции против Палестинците.

Тој денеска го посети светилиштето во Ерусалим за првпат откако стана министер и откако израелските медиуми објавија дека ја одложил посетата врз основа на барањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху, осудата на опозицијата и заканата на Хамaс.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.