Фатени двајца разбојници кои учествувале во филмскиот грабеж во Куманово, но каде е торбата со пари

Двајца разбојници се приведени денеска поради сомнение дека учествувале во грабежот на пари од кумановец кој се занимавал со менување на девизи. Двајцата се од скопско Буковиќ.

Во грабежот синоќа на патот меѓу Куманово и населбата Карпош, џип со скопски таблички пресретнал и удрил во автомобил пасат на 63-годишен кумановец. Разбојниците пукале кон возилото на кумановецот и зеле торба со пари.

Потоа избегале со џипот и во близина на клучката со патот Куманово-Крива Паланка го запалиле тоа возило, а избегале со друго.

Според првичните информации, во грабежот учествувале 4-ца разбојници. Џипот со кој е извршено пресретнувањето и грабежот бил украден. Во торбата имало околу 150.000 евра. Во соопштението на МВР немаше детали за пленот ниту за останати учесници во грабежот, а не е посочено ниту каде завршила торбата со пари.

Извадок од дневен билтен на МВР:

Денеска (16.03.2024), полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода М.А.(28) и Е.А.(32), двајцата од с.Буковиќ, скопско. Тие се сомничат дека на 15.03.2024 околу 20.20 часот на улица „Доне Божинов“ во Куманово со патничко моторно возило „ренџ ровер” со скопски регистарски ознаки удриле во патничко моторно возило „фолксваген пасат”, кое го управувал С.С.(63) од Куманово, при што пукале кон С.С. и му одзеле торба со пари, а подоцна го запалиле возилото „ренџ ровер”. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.


Пронајдете не на следниве мрежи: