Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред јавноста покажа едно од новите специјализирани возила за мобилно мерење на брзината (т.н. „пресретнувачи“) – „Форд“-модели опремени со интегриран радарски систем, камери со висока резолуција и софтвер за моментално лоцирање и документирање на прекршоци.
Новите автомобили ќе патролираат низ државата во рамки на проектот „Безбеден град“ („Сејф сити“) и ќе регистрираат пребрзо возење, без разлика дали станува збор за градска зона, регионален пат или автопат.

Мобилните радари од овој тип се користат во повеќе европски држави и, според министерот Тошковски, се покажале како исклучително ефикасни во намалување на сообраќајните прекршоци и на несреќите.



