Четири години од „Диво насеље“

Денес се навршуваат четири година од оружената пресметка во кумановското „Диво насеље“, што траеше два дена, при што животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи, додека четириесетина беа тешко повредени.
Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ од страна на претседателот Ѓорге Иванов.
Покрај осумтемина припадници на полициските сили во оружената престрелка, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.
Од февруари 2016 година за настаните во „Диво насеље“ во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Подоцна случајот се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37.
Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.
Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво насеље“, додека 13 обвинети добија казна од 40 години затвор. Петмина обвинети се осудени на казна затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години. Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но поради локалните избори на барање на МВР беше одложена.
Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација.
Во ноември пред две години Владата прифати да биде отворена меѓународна истрага за случајот „Диво насеље“. Премиерот Зоран Заев изјави дека е информирана меѓународната заедница и дека се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановско „Диво насеље“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.