четврток, 12 ноември 2026
Најново

Јавното обвинителство тврди дека нема одоговлекување на постапките по промената на обвинител

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Државното обвинителство денеска излезе со реакција откако вчера семејствата на загинатите во Пулс побараа враќање на обвинителката Ивана Алексова Трајчева на која во петокот Советот на јавни обвинители не и го продолжи мандатот.
                       Од Обвинителството велат дека ги преземаат сите потребни чекори за да се овозможи непречено водење на сите тековни постапки и дека ниту еден започнат процес нема да трпи неоправдано одолговлекување или усложнување, а во судница ќе има јавен обвинител подготвен да го застапува обвинението.
– Јавното обвинителство е единствен орган и евентуална промена на јавен обвинител во текот на водењето на предметите, што може да се случи од најразлични причини, не се одразува врз динамиката и начинот на водење на постапките. Промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките, стои во реакцијата.
Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи, како што посочуваат, сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност.
– Воедно, упатуваме повик до Здружението на новинари и до другите професионални организации да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата, односно нова виктимизација на најпогодените од овој трагичен настан. Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во “Пулс”. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка, вели Обвинителството.

Поврзани вести