Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски го повика Трудовиот инспекторат да го провери отсуството од работа на актуелниот градоначалник на Општината Сотир Луковски, на кого, како што тврди, боледувањето му завршило на 30 мај.
Јакимовски посочува дека доколку вработен не се јави на работа три дена последнователно му следува отказен рок согласно Законот за работни односи.
– Можно ли е 500 000 вработени во оваа држава ако три дена не дојдат на работа да добијат отказ, а само градоначалникот на Карпош може и понатаму да се излежава и да седи дома, да не доаѓа на работа и да нема никакво оправдување за тоа, а притоа да биде заштитен од премиерот Христијан Мицкоски кој вели дека по боледувањето му треба на човекот малку одмор. Ова е навреда на интелигенцијата и на здравиот разум на граѓаните на Карпош и мислам дека Инспекторатот за труд треба да дојде и да констатира техничка победа на граѓаните на Карпош над беззаконието што го прават ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, вели Јакимовски.
Откако актуелниот градоначалник замина на боледување, него го заменува членот на Советот Неделчо Крстевски на кого сега му мирува советничкото место.
Според Јакимовски, во актуелната ситуација во која се наоѓа општината најдобро решение се предвремени локални избори на кои граѓаните ќе изберат кој сака да ја води општината.
Јакимовски не ја исклучува можноста повторно да се кандидира.
The post Јакимовски со повик до Трудовиот инспекторат да го провери боледувањето на Лукровски appeared first on Provereno.



