Јакимовски:„13 години се борам со карцином, другарот на др.Менгеле да прекине со лагите!“

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, преку објава на социјалните мрежи упати остар одговор до гинекологот Ненад Лазаров, по јавните коментари поврзани со неговата здравствена состојба.

Јакимовски тврди дека неговото медицинско досие е целосно документирано и дека повеќе од една деценија се лекува од карцином, нагласувајќи дека првата операција ја имал во 2012 година, а низ годините поминал повеќе оперативни зафати, бројни цистоскопии и терапија со БСЖ вакцини.

Тој наведува дека во 2018 година бил опериран од карцином на мочниот меур, а во 2024 година болеста повторно се појавила, по што и денес редовно прима терапија и оди на контроли. Во објавата додава дека во февруари 2023 година бил опериран и од карцином на белите дробови.

Јакимовски ги отфрла, како што вели, обвинувањата дека неговите медицински наоди се платени или лажни и истакнува дека во неговото лекување учествувале повеќе од 30 патолози, радиолози и хирурзи од Македонија и странство.

Во објавата предлага да се формира независен меѓународен конзилиум од тројца уролози и тројца патолози кои ќе го разгледаат неговото медицинско досие и патохистолошките примероци за да утврдат дали станува збор за карцином и за кој тип.

Истовремено, Јакимовски бара независна проверка и на медицинската документација на Сотир Лукровски, со цел, како што наведува, јавноста да дознае „кој навистина е болен, а кој евентуално симулирал болест“.

Покрај здравствената тема, Јакимовски во објавата упатува и серија политички обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека пресудата против него е политички мотивирана и дека датумот за неговото упатување во затвор бил избран од политички причини. Тој ја споменува и „Белата палата“, како и предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, обвинувајќи ја партијата за двојни стандарди.

Во завршницата на објавата, Јакимовски порачува дека никогаш не ја користел својата болест за да избегне судски постапки и повторува дека е подготвен целата медицинска документација да биде предмет на независна стручна анализа.

„На ваквите мудреци не им обрнувам внимание.

Нека кинат зелени оти тие се потребни зошто прават забава за простаци. За овој господин Ненад Лазаров повеќе пријатели ме известија дека бил доктор.

Не само доктор туку специјалист гинеколог!

Државата немала потреба од таквите како него па затоа специјализирал приватно, а не на државен трошок.

Отворил приватна ординација и бидејќи многу добро му одело минатата година неговата партија го вработила на Клинички Центар со над 40 годишна возраст, веројатно како млад талент.

Дотука е се добро и нормално зошто за неговата партија важи слоганот “И неспособните со нас успеваат”.

Се нафрла врз докторите кои што стојат зад моето медицинско досие и јасно покажува дека е само партиски доктор.

Всушност и нацистичката партија си имала свои доктори, а главен им бил Менгеле.

Епа на пријателот на доктор Менгеле да му кажам дека јас со мојата болест се борам од 2012та година. Првата операција ми ја направи познат професор уролог во Јануари 2012та.

Потоа, друг уролог во 2013та во “Ре-Медика” ми ја направи втората операција и третата и четвртата и петата и шестата и седмата.

Инаку за ваша информација овој доктор што ме оперираше во “Ре-Медика” почина од истата дијагноза од која што и јас се лекувам денес.

Потоа ме превзема докторот кој доаѓаше од странство и во 2018та во Јануари бев опериран од карцином на бешика.

Следуваа БСЖ вакцини и редовни контроли со цистоскопија.

Голем дел од цистоскопиите беа со целосна анестезија исто како сите мои операции.

Значи колку анестезии, крварења и катетери сум изел само јас знам!

Многубројните цистоскопски контроли беа со уреден наод, но во пролетта 2024та повторно се јави карциномот и оттогаш најпрвин секоја недела, потоа 3 пати еднаш месечно, а сега на секои 3 месеци се прави цистоскопија и се става БСЖ вакцина.

Да му објаснам на другарот на Менгеле дека според уролошките протоколи на секој 4ти пациент карциномот му се повторува, а кај мене тој се појави веќе 2 пати и не смее и трет пат па затоа доживотно на секои 3 месеци ќе имам контроли и ако е се во ред ќе се имплементира БСЖ вакцина.

Колку е оваа вакцина болна пропратена со треска, грозница, крварења, температура знаат само оние што ја примиле. Моја среќа е што можам да ги поднесам овие вакцини, а оние што не можат да ја поднесат веројатно големиот доктор знае што им се случува.

На 23 Февруари 2023та година се оперирав од карцином на бели дробови.

Не ми е јасно како оваа морално етичка нула носи бел мантил и ги блати своите колеги и зборува за платени дијагнози. Белким толку разбира дека моето медицинско досие во “Ре-Медика”, “Систина” и Виена судот и обвинителството можат во било кое време да го побараат и добијат. И во дијагностицирањето и лекувањето учествувале повеќе од 30 патолози, ренгенлози и хирурзи од земјава и странство.

Никогаш не сум се повикувал на мојата болест за 8 годишното судско патешествие и докажување правда, за кривични дела кои не сум ги сторил и не сум одложил судење. Во исто време граѓаните на Карпош не почуствуваа дека нивниот градоначалник боледува од било што.

Од 2012та односно од првата операција па до 2017та добив 4 меѓународни големи награди меѓу која и “Нај Градоначалник” во Југоисточна Европа што за неговите другари од партијата е мислена именка. Покрај тоа цело време се борев со нивните протести, блокади, напади, подметнувања.

Во меѓувреме 2 пати ги истепав, на избори секако како магариња, и третиов пат ги загубија изборите ама поштено ги украдоа.

Другар му на Менгеле не коментира ништо за диво изградената тераса на Белата Палата. Кога зборува за криминали и милиони и олигарси да му кажам дека тие се сместени во Белата Палата и тие се тие што не одговараат пред законот.

За кого Ѓорѓе Иванов направи аболиција? Кои се спаси со таа аболиција? Веројатно слушнал дека Стразбур истата ја прогласа за незаконска.

За кого Заев донесе амнестија? За мене или за вас?

За кого Али Ахмети го смени кривичниот закон? Кој се спаси? Вие или јас?

Дали слушнал за судскиот предмет Талир 1 и Талир 2? За незаконското финансирање на партијата. Пари земени од корупција ги внеле во Банка и се потпишале со туѓи имиња.

За ова кривично дело се лежи над 5 години.

Како ова го реши неговата партија?

Па со промена на обвинител, секако!

Кога сме кај илузијата дека некој зема платени медицински белешки да го потсетам дека кога неговите другари ги подбра СЈО и бубулица кога ќе стиснеа трчаа по партиските доктори да вадат боледувања за да не одат на распит и рочишта. Главоболка со вртоглавица е нивна партиска дијагноза за избегнување судски процеси.

Но, како и да е на него и на неговата партија им предлагам фактите да ги утврдиме до крај. Да одберат конзилиум од тројца уролози од било каде во светот на кои што ќе им биде доставено моето медицинско досие со цд-еа од операци и цистоскопии и да им се достават патолошките примероци (веројатно знае дека стакленцата се чуваат трајно) нивни патолози да направат анализи и да утврдат дали се работи за карцином и кој тип.

Но во исто време да одбереме тројца невролози кои ќе ги проверат медицинските наоди на Сотир Лукровски и да видиме дали навистина имал главоболка со вртоглавица исхемија или пак некој поткрепувал лажно боледување.

Ова јавноста има право да го знае бидејќи од народот сме примале и примаат плата.

Откако ќе се утврди кој е болен, а кој симулира болен тој и неговите помагачи чесно е да си одговараат пред државните органи и јавноста.

Сосема за крај, пресудата ја напишавте во Белата палата. Упатот за затвор ми го доставивте 6 дена пред да ми ја доставите пресудата.

Зошто сте брзале? Зошто го одбравте 2ри Јули да одам во затвор? Заради ефтини ПР вмровски трикчиња.

Откако минатата недела дебело го испеавте Соте во Белата Палата. Му се заканивте дека ако не се врати во општина нема да се врати ниту во фирмата од каде што дојде, а вашите партиски брборковци се фалат дека и два пати сте го исплескале и затоа тој денес на 1ви Јули, еден ден пред моето одење во затвор доаѓа на работа триумфално и уште кажува дека победил и се враќа посилен од прошетките по Сити Мол.

Значи болниот Сотир се врати на работа, а здравиот Стевче симулира болен.

Ефтини ПР вмровски трикчиња кои нормално служат за замајување на интелегенцијата од вашата партија.“ – напиша Јакимовски во својата објава на фејсбук.

 

Пронајдете не на следниве мрежи: