Јаневска: Образовната инфраструктура се модернизира забрзано и со голема поддршка од Европската Унија

Образовната инфраструктура во Македонија се модернизира забрзано и со голема поддршка од Европската Унија и Германската развојна банка – KFW. Заедно креиравме финансиска рамка од 86 милиони евра со кои ќе реализираме 16 капитални инвестиции – ќе се реконструираат 9 државни студентски домови и 7 ресурсни центри за деца и младинци со посебни образовни потреби.

Ова денес го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која заедно со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, евроамбасадорот Михалис Рокас и вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали го посетија студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, чија реконструкција е една од посочените инвестиции што наскоро ќе биде целосно заокружена.

„Овој студентски дом ќе биде модерен и со висока енергетска ефикасност на сите објекти во состав. Заедно со „Кузман Шапкарев“ во центарот на Скопје, ќе бидат првите два дома целосно реновирани и достапни за студентите од новата академска година“, рече Јаневска, изразувајќи благодарност за европската поддршка.

За трансформирањето на сите 16 објекти во модерни и енергетски ефикасни згради, информираше дека државата има обезбедено 60 милиони евра од Германската развојна банка, 22 милиони евра се неповратни грантови од ЕУ кои многу го растеретуваат јавниот буџет и околу 4 милиони евра се од буџетот на МОН.

„Ние сме земја во развој и поддршката што ја добиваме е од големо значење за забрзување на развојот и интегрирање на националното образование кон европскиот образовен простор. Верувам дека во иднина ќе имаме уште повеќе и поголеми вакви инвестиции заедно со Европската унија“, додаде министерката.

Пронајдете не на следниве мрежи: