Трагедијата што се случи на 16 март годинава во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, кога животите на млади луѓе згаснаа во пожар предизвикан од пиротехнички ефект, не е резултат на случајна игра на судбината, туку на долгогодишен синџир институционални пропусти.
Ова денеска беше истакнато во воведното обраќање на Јавниот обвинител Борче Јанев пред Судечкиот совет, каде започна судскиот процес за утврдување на одговорноста.
-Катастрофата не настана само од искрите на пиротехниката таа кобна ноќ, туку од невидливото, но реално зло, системска неодговорност, нагласи Јанев во обраќањето.
Според обвинителството, клубот „Пулс“ никогаш немал законска намена за угостителска дејност, а сепак работел со години без соодветни излези и без проценка на ризици.
-Изгоре не само објектот, туку и вербата дека институциите се тука да заштитат, додава обвинителот и посочува дека се поставуваат клучни прашања, кој дозволил работа на објектот, кој потпишал молк наместо санкција, и кој не ја согледал смртоносната опасност.
Обвинителството најави дека доказите ќе покажат дека трагедијата е резултат на целиот сплет на надоврзани пропусти и калкулиран ризик, а не на непредвидени околности.
-Клубот Пулс отсекогаш бил безбедносна стапица, буре барут, наведува тој.
Судскиот процес продолжува, а јавноста очекува одговори и санкции за да се врати довербата во системот и да се спречат идни катастрофи.


