Министерот за култура Зоран Љутков ги нарече паушални и неточни обвинувањата на Синдикатот на културата кој денеска поднесе кривична пријава против него.
На прес-конференција во Владата, Љутков рече дека тврдењата на Синдикатот за злоупотреба на службената положба се неосновани и неточни.
– Никогаш не сум постапувал самоволно, ниту сум ускратил законски загарантирани работнички права. Сите одлуки што ги носам се во согласност на законските рамки и со принципот на еднаков третман за сите вработени во културниот сектор. Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани и неточни. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на никакво работничко право загарантирано со Устав и со закон. Напротив, мојата обврска е да обезбедам систем каде што правилата важат еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци, рече Љутков.
Нагласи дека во државава на сила е Општиот колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е утврдена пресметката на плата.
– Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10% од месец септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување од страна на Министерството за култура, било понудено склучување анекс на колективниот договор што синдикатот го одбил. Денеска на прес-конференција слушнавме дека такво нешто не било понудено. Јас го имам овде кај мене документот. Па сега синдикатот тужи за пресметка на плати според начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата во согласност со закон во државата. За да биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на Република Македонија за пресметка на основната бруто плата изнесуваше 36.037 денари, а барањето на синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто плата да се прави на износ од 39.641 денар, којшто ги прави во поповолна ситуација од сите други останати во јавниот сектор и што е спротивно на минималната плата објавена согласност со закон, рече Љутков.


