Аферата во Задар го тресе шаховскиот свет

Шаховската афера која се случи на „Задар Опен“ го потресе шаховскиот свет, а во центарот на вниманието е анонимниот Бугарин, Борислав Иванов.

На турнирот учествувале 36 играчи (16 велемајстори, шест интернационални мајстори, 10 ФИДЕ мајстори, двајца мајсторски кандидати), само Иванов бил без титула.

Според рејтингот тој требало да биде тотален аутсајдер, но Бугаринот играл одлично и победил неколку велемајстори (Курајица, Кожул, Залчиќ). Неговите резултати предизвикале сомнеж дека тој потезите ги влече со помош на некоја компјутерска програма.

„Во шаховскиот свет е невозможно, досега невидено, играч со таков низок рејтинг, да влече толку генијални потези во клучни моменти“, пренесува изјава на човек кој го следел турнирот, порталот ’Index.hr’.

Поради сомнежите, судиите пред мечот од осмото коло, решиле да го претресат Иванов, тој морал да ја соблече маицата и да ги испразни џебовите, а му бил одземен и моливот. За да се оправдаат судиите го претресле и неговиот противник Борка Предојевиќ.

Иванов го загубил мечот со Предојевиќ, кој победил на турнирот и ја освоил паричната награда од 2.200 евра.

Инаку, оваа партија не била пренесувана на интернет, што само ги подгреало сомнежите дека Иванов не игра чесно.

Но веќе следниот ден, иако партијата не била пренесувана на интернет, Иванов, го победил сплитскиот велемајстор Иван Шариќ.

По турнирот во Задар, едно е сигурно, Иванов ќе биде главна атракција на секој турнир на кој ќе го пријави учеството.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: