Хрватска му врти грб на регионот поради ЕУ

Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ оцени дека е многу опасно тоа што Хрватска со влезот во Европската унија не е заинтересирана за добрите односи со соседите.

„Последиците на таквиот однос веќе ги чувствува Босна и Херцеговина“, рече Дачиќ на Белградскиот безбедносен форум.

Дачиќ изјави дека Хрватска ќе мора да ја обнови иницијативната граѓаните да можат во двете земји да патуваат само со лична карта, без пасоши.„Тоа е повеќе во интерес на Хрватска, првенствено поради туристите од Србија. Хрватска таков договор веќе има со Босна и Херцеговина и Црна Гора“, изјави Дачиќ.

Тој рече дека пред две години претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ и тогашната премиерка Јадранка Косор ја прифатиле неговата иницијатива, но до денес изостанала правната и политичката реализација.

Дачиќ потсети дека Србија со Македонија потпиша договор за премин на границата со лична карта, а дека со БиХ и Црна Гора такви договори постојат одамна.

„Сите држави на Балканот се должни да соработуваат во интерес на своите граѓани и не смее евроинтегративните процеси во која било земја да се кочат под какви и да се изговори, бидејќи тоа би го дестабилзирало регионот“, рече Дачиќ.

„За разлика од модерна Европа, која за помалку од десет години по Втората светска војна почна да гради заеднички институции, ние на Балканот 20 години по завршувањето на судирите сé уште живееме во минатото. Тоа е знак дека не се почитуваме сами себе. Наместо да формираме заеднички балкански совет, одиме во правец кој е спротивен на она што работат обичните граѓани на Балканот“, смета Дачиќ.

Негативните последици од економската криза, како невработеноста и негативниот економски раст, според него, ќе се чувствуваат и наредните години во регионот, а нивниот интензитет ќе зависи од опоравувањето на ЕУ, а стратешкиот одговор мора да биде развивање на соработката во регионот.

Преземено од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: