Николиќ: Србија никогаш нема да го признае Косово

Србија под никакви услови не е подготвена да ја признае независноста на Косово, изјави во вторникот на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, српскиот претседател Томислав Николиќ.

Србија е приврзана на постигнувањето траен мир меѓу Србите и Албанците и се зазема за директни преговори на највисоко политичко ниво, меѓутоа не е подготвена да го признае Косово, рече во Њујорк српскиот претседател Томислав Николиќ.

„Дозволете ми да бидам јасен: Србија не е подготвена, не може и никогаш, ни под какви и да се услови нема да признае, ниту експлицитно, ниту имплицитно, еднострано прогласената независност на својата јужна покраина Косово и Метохија“, рече српскиот претседател.

Николиќ додал дека Србија во продолжувањето од преговорите со властите во Приштина „влегува целосно подготвена да придонесе за подобар живот на сите граѓани на Косово, во демократски и сигурни услови“, меѓутоа „нема да преговара за спроведување на независноста“ на Косово кое го нарече „таканаречена држава“.

„На тоа му дојде крајот, иако постојано слушаме дека за статусот на Косово нема преговори и дека за тоа ние ништо не се прашуваме“, рекол Николиќ.

Смета, меѓу другото, и дека прашањето за Косово може да се реши на мирен начин. Николиќ притоа ветил дека Србија ќе ги исполни сите обврски што досега ги презема.

Српскиот претседател истовремено се пожалил дека досегашните преговори со Косово биле исполнување на желбите на српската страна и попуштања од страна на српското раководство.

„„Имаме силна желба преговорите да продолжат во добра волја и со добри намери, имајќи го предвид , меѓу другото, и фактот дека е важно да се одржи динамиката на европските интеграции на Србија и на западниот Балкан., за долгорочно да се обезбеди напредок и стабилност на целиот регион. Србија нуди конкретен предлог, директни преговори на највисоко политичко ниво“, порача Николиќ.

Тврди дека договорот меѓу Белград и Приштина може да се постигне само со консензус, но притоа додава дека на дел од српската територија се крши повелбата на Обединетите нации, како и дека прогласувањето на косовската независност претставува опасен преседан и долгорочна закана за стабилноста на регионот на западниот Балкан.

Претходно во понеделникот претседателот на српскиот парламент, Небојша Стефановиќ изјави дека за планот за преговорите за Косово ќе стане збор кога претседателот Томислав Николиќ ќе се врати од Њујорк.

Стафановиќ, исто така, истакна дека доколку шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон му понуди на Николиќ да потпише договор за добрососедски односи Николиќ „тоа не може да го стори, имајќи предвид дека тоа е дефакто признавање на независноста на Косово“.

Преземено од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: