Ксамил, местото со тиркизно море, евтино пиво и италјанска пица

Летото заврши, но ќе останат спомените, спомените на еден одличен одмор покрај прекрасно море со палми и бел песок.

Летово  додека се двоумевме меѓу Грција и Црна Гора, како најпопуларни туристички ресорти, некој спомна да го посетиме Ксамил, мало село покрај Јонското Море во Албанија, нашиот западен сосед. Потсетувајќи се на конфликтот од пред неколку години бевме скептични, но позитивните коментари не поставија на правиот пат, патот за Ксамил.

Албанија виа Грција

Беше тоа долго патување, речиси 12 часа, но се исплатеше секоја секунда. По губењето, прашувањето за насоки, 57 тунели и добро, јако грчко кафе, конечно ја преминавме границата и стапнавме на албанска земја. 

Првиот впечаток беше разочарувачки: помисливме дека се наоѓаме во воена зона – недовршени патишта, разурнати куќи, планини со остатоци од бункери, прашина…ни трага ни глас од егзотичните палми и тиркизното море кои ги видивме на интернет. Каде ли се најдовме?

Но, по само неколку километри го видовме морето, го почувствуваме ветрето и мирисот на солта…колку добро чувство. Пред нас беше градот Саранда, најголемиот туристички ресорт во Албанија, со луксузни хотели и вили, моредни ресторани и долго крајбрежје за шетање. 

Од таму тргнавме накај Ксамил, местото со тиркизното море. Беше толку различно од Албанија за која знаевме од телевизија и весниците. На момент помисливме дека сме во некое грчко село: се зборуваше на грчки јазик, се гледаше Крф, а гирото се служеше како локален специјалитет. Но, никој нас не не нарече Скопје, напротив, јасно и гласно велеа Македонија и со широка насмевка на лицето ни велеа “фала“.

Ксамил, егзотичен, но досаден

Од првиот поглед на преубавото море, секој нареден момент беше ново, пријатно изненадување за нас. Она што најмногу не изненади е гостопримстовото на сопстевникот на вилата во која бевме сметени, кој ни наплати 20 евра од ден за апартман за четворица. И тоа многу добар апартман, со спална и дневна, телевизија и интернет, кујна со сите апарати и две големи тераси за седенки во долгите ноќи. За ваков апартман за летување кај нашиот јужен сосед би платиле  50 евра, ако не и повеќе.

По пријатното сместување, се упативме кон плажата и бевме зачудени…многу подобро од сите фотографии кои предходно ги имавме видено.

Морето беше топло, нежното ветре ја бушавеше косата, а нозете потонуваа во белиот, мек песок…вистинска уживанција.

А погледот…тој вредеше милион долари. Зајдисонце кое ве остава без здив, сонце кое полека се губи зад трите осторви, мали палми и бранови кои си играат со камчињата.

Сите плажи наликуваа една на друга, различна им беше само бојата на чадорите, а вистинско доживување беа малите плажи на осторвите, до кои посмелите и допливуваа. Барови и ресторани, сите служат исто, ефтино, ладно, албанско пиво и риба и морски плодови, свежно уловени само за вашата порција. Риби, лигњи, школки и октоподи со мирис на море, вистинско задоволство за нас, а и нашиот буџет.  А, секако море да се спомене и пицата, како штотутку извадена од италјанска рерна.

И додека преку ден се изгледаше совршено, истржувањето нови плажи, пливање до островите, сончање…вечерните часови беа малку здодевни, без дискотеки, клубови, забави и коктели.  Тоа беше единствената маана на Ксамил. Му недостигаше некој добар коктел бар или дискотека на плажата каде  забавите траат цела ноќ. Можеби Ксамил наликуваше на грчките туристички места, но дефинитивно го немаше лудиот, ноќен живот по кој се познати грчките локали.

Се гради!!!

Со сигурност можам да кажам дека ова мало село на Јонското крајбрежје за неколку години ќе биде една од најпосакуваните туристички дестинации, но не толку ефтино како оваа и предходните години.

Постојано, дури и на 40 степени работниците градеа високи и модерни хотели и вили, барови и ресторани… Истото се случување и во Саранда, каде мирисот на новиот асфалт и бетон го затскриваа мирисот на морето. Саранда се повеќе наликува на монденско туристичко  градче -прекрасно долго шеталиште со палми и ексклузивни ресторани наредени еден до друг, луксузни јахти одмараат на докот, а плажите ве чекаат да уживате.

Треба само да поработат на ноќниот живот, да е полудо, позабавно, со журки до раните утрински часови.

Во преговори се да се изгради и аеродром во Саранда, па со тоа да сме таму за час, а туристи од сите краишта ќе можат да го посетат овој мал алабански бисер.

Па, ако Саранда е место со луксузни хотели, Ксамил е местото со бели плажи и величенствено море, две места го имаат тоа што му недостига на другото, дествувајќи паралелно за одличен одмор на многубројните посетители.

Затоа, ставете ја Албанија во прв план за вашиот следен одмор и нема да зажалите бидејќи ќе уживате во одлична храна, долги сончеви денови, пливање и рибарење…и сето тоа за разумна цена, за разлика од другите познати туристички места. 

И.Ј.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи: