Повеќе од стотина уапсени во безредијата во Атина

 

Повеќе од стотина лица се уапсени во средата во безредијата во грчката престолнина Атина, соопштија претставници на атинската полиција.

„Сé уште сме во процес на собирање на сите податоци. Според прелиминарните информации, уапсени се повеќе од сто лица, од коишто задржани ќе бидат околу 20. Настрадаа четири или пет полицајци“, изјави претставник на полицијата во Атина.

Немирите избувнаа откако илјадници демонстранти во центарот на главниот град на Грција протестираа во средата против мерките за штедење преземени од владата во замена за кредити од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.

Мал дел од демонстрантите, притоа, фрлаа камења и молотови коктели врз полицијата, на што таа одговори со солзавец. Демонстрантите го запалија платното на промотивен шатор поставен на централниот атински плоштад Синтагма пред грчкиот парламент. Исто така, беше запалено и едно дрво во Националната градина, парк во непосредна близина на зградата на парламентот на Грција.

Активистите објавија на микроблогот Твитер, дека барем неколку луѓе се повредени во тепачката со полицијата или се затруени од солзавец.

Полицијата, исто така, притвори под сомнение за вмешаност во немирите новинар не локален весник, во чијшто ранец е пронајдена гас-маска. По протестите на професионалниот синдикат на новинарите новинарот е ослободен без подигнато обвинение. Гас-маските, инаку, последните години станаа стандарден дел од „опремата“, не е само на демонстрантите, туку и на новинарите коишто известуваат од протестите поради масовната употреба на солзавец од страна на полицијата.

Во моментов, според полицијата, ситуацијата во Атина е смирена, во централниот дел на улиците повторно е овозможено движењето по завршувањето на масовните протести. Во Грција во средата се одржува генерален штрајк против дополнителните мерки за штедење , коишто ги подготвува владата во замена за заемите од  ЕУ и ММФ.

Преземено од Макфакс.

Пронајдете не на следниве мрежи: