3 супер рецепти за божиќни путер колачиња

Божиќните путер колачиња се едни од најпопуларните слатки во празничниот период. Благодарение на креативноста при декорирањето, добиваат многу облици и интрпретации, па оттаму и се едни од омилените бидејќи дозволуваат да се забавувате додека ги правите.
Ние најдовме три супер рецепти кои можете да ги испробате:
Класични путер колачиња
Потребно: 300 гр. меко брашно, 200 грама омекнат путер, 85 гр. шеќер во прав, 1 белка, 1 ванилин шеќер, 1 лимонов шеќер во прав.


Подготовка: Во еден сад исечкајте го омекнатиот путер и додадете ги брашното и шеќерот и се убаво соединете. Во друг сад ставете ги белката, ванилиониот и лимоновиот шеќер и со миксер или бленер убаво изматете ги додека не стане пенеста смесата, а потоа додадете ја во првиот сад. Со маталките на миксерот за тесто, изматете го, а потоа со раце месете додека не добиете мазно тесто. Завиткајте го со транспарентна фолија и оставете во ладилник еден час.
После тоа, расукајте го и со модли направете ги саканите фигури. Печете ги во загреана рерна на 180 степени 9 минути.
Медени путер колачиња
Потребни состојки: 150 грама путер, 150 грама мед (ако ви е многу, намалете малку), 250 грама меко брашно, 100 грама мелени ореви (ако не ги сакате може и без нив), 2 помали и едно поголемо јајце, 1 лажиче сода бикарбона, зачини по желба (цимет, каранфилче, ѓумбир…).
Подготовка: Брашното ставете го во поголем сад, додадете ја содата и оревите, па убаво промешајте. Ако користите зачини, додадјте ги и нив во брашното во оваа фаза на подготовка. Путерот насечкан на тенки ливчиња ставете го во брашното, па со рацете „смачкајте“ го за да станат трошки. Потоа во смесата со брашното и путерот, додадете едно јајце (претходно разматено) и повторно малку промешајте. Додадете го медот во смесата, па со раце месете додека не се добие убаво мазно тесто. Завиткајте го во транспарентна фолија и оставете во ладилник на еден час.
Потоа со лажица во посакуваната големина, земете дел од смесата и обликувајте ја во топче. Ако сакате големи медењаци, користете голема лажица, а за мали – мала. Ако не сакате да бидат округли, тогаш секое од топчињата равлечете го и со модла направете ја саканата форма. Редете ги во тава за печење на која претходно сте ставила хартија за печење. Оставете простор помеѓу медењаците бидејќи при печењето ќе се зголемат. Печете десетина минути на 180 степени или додека не забележите дека работ на дното на медењаците се темнозлатна боја.
Ако забележите дека на врвот се малку меки, не грижете се, ќе се стегнат после печењета.
Путер колачиња со џем


Потребно: 300 грама меко брашно, 1 прашок за пециво, 1 јајце, 150 грама путер, 100 грама шеќер, 1 ванилин шеќер, малку нарендана кора од лимон или портокал, џем или мармелад со малку киселкаст вкус ако имате (вишна на пример), шеќер во прав.
Подготовка: Измешајте ги сите состојки во еден сад и со рацете месете додека не добиете убаво мазно тесто. Оставете го еден час во ладилник, обложено со транспарентна фолија. Потоа, тестото расукајте го и со модлите оформете ги колачињата. Потребни ви се две половини – една цела и една издлабена во истата форма. Наредете ги на хартија за печење и печете на 180 степени, на претходно загреана рерна додека не добијат златна боја.
Кога ќе се подизладат малку, на првата половина ставете џем, а потоа врз него ставете ја изглабената половина, на која претходно сте наросиле шеќер во прав.
Доколку пак, не сакате џем, од смесата можете да направите класични колачиња во форма на круг (или некоја друга) и потоа да ги украсите со глазура.
За сите три рецепти глазура:
Потребно: 1 белка, 2 лажици млеко, 300 грама шеќер во прав.
Подготовка: во блендер ставете ги сите состојки и измешајте ги на умерена брзина. Ако немате блендер, може и миксер. Треба да добиете мазна смеса која не е ниту прегуста ниту премногу ретка. Поделете ја глазурата во неколку помали садови и во секој од нив додадете одредена прехрамбена боја, доколку ви се потребни повеќе бои. Потоа, саканата глазура ставете ја вреќичка (ќесичка за шприц) и декорирајте по желба. Можете да додадете и бомбони, чоколадни трошки и слично, зависи како сакате да ви изгледаат колачињата. На крај, оставете ги неколку минути да се стегне глазурата, а потоа послужете ги.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.