Во Лувр отворен нов оддел за исламската уметност

Loading...

 

Во славниот париски музеј Лувр официјално за јавноста е отворен нов оддел за исламска уметност, на површина од 3.000 квадратни метри на кои покрај досегашните 15 илјади се изложени уште три илјади експонати, кои датираат од периодот меѓу VII и XIX век.Експонатите, како што се надеваат во Лувр, треба да придонесат за разбирањето меѓу културите, особено во атмосферата на тензии и насилство што ги предизвикаа американскиот антиисиламски аматерски филм „Невиноста на муслиманите” и објавувањето на карикатурите во францускиот сатиричен неделник Charlie Hebdo.

Предлогот да се отвори Оддел за исламската уметност во 2003 година го изнесе тогашниот француски претседател Жак Ширак. Во реализацијата, изминатите десетина години се вложени повеќе од 130 милиони долари, а парите ги гарантираа владите на Франција, Саудиска Арабија, Кувајт, Оман и Азарбејџан.

„Решивме на светот да му го прикажеме исламот во неговата целосна слава и не смееме да дозволиме фундаменталистите да го валкаат неговото име”, изјави директорката на одделот, Софи Макариу.

„Изложбата која штотуку ја отворивме во Лувр покажува дека исламот е многу рафинирана култура. Се надевам дека оваа изложба ќе го отвори духот на западот кон минатото на цивилизациите на исламот. Сметам дека нема никаква причина за антагонизми меѓу нашите вери”, изјави за AFP професорката по кинеска уметност, Денис Спаценски, меѓу првите посетители на изложбата.

Во новоотворениот оддел се изложени неколку илјади вредни дела од сите краишта на светот. Многу од експонатите јавноста ќе ги види првпат. Во колекцијата има голем број теписи, вазни, мозаици, бисти на принцеви од многу земји, од Шпанија, преку Египет, Индија, Иран до централна Азија.

Посебна атракција на изложбата претставува мозаичен османски ѕид кој се протега во должина од дванаесет метри. Станува збор за најголемиот проект на славниот париски музеј по изградбата на стаклената пирамида пред 20 години.

На свеченоста на отворањето на изложбата присуствуваше и принцезата Лајла Мерием од Мароко, а вредните уметнички дела, покрај другите, ги донираа и мароканскиот крал Мохамед Шести и Фондацијата на саудискиот принц Валид Бин Талал. На отворањето на изложбата во саботата навечер покрај францускиот претседател Франсоа Оланд, присуствуваа и принцот на Саудиска Арабија, и претседателот на Азарбејџан, како и други високи функционер, и секако директорот на музејот Лувр, Анри Лоарет, кој рече дека намерата на изложбата е да го прикаже „сјајното лице на цивилизацијата”.

loading...
Loading...