Шапуриќ: Локалната и централната власт заеднички да се борат за искористување на европските фондови

Локалните власти во Македонија, со помош на централната власт, треба заедно да работат на поголемо искористување на европските фондови наменети за поддршка на локални проекти, вели Зоран Шапуриќ, претседател на Комисијата за меѓународна соработка во Град Скопје во интервју за Макфакс. 

Шапуриќ, како преставник на Град Скопје, учествува на Отворените денови на Комитетот на региони, што од 8-ми до 11-ти октомври се одржува во Брисел, каде преставници на над 200 европски градови и региони расправаат за финансирањето на кохезивната политика на Европската унија.

Макфакс: Г-дин Шапуриќ, присуствуваме на Отворените денови на Комитетот на региони на Европската унија во Брисел. Учествува и наша делегација. Кое е значењето на ваквиот настан?

З. Шапуриќ: Освен мене, како претседател на Комисијата за меѓународна соработка на Град Скопје, тука се и Гордана Клинчарова, секретар на Град Скопје и советниците Дафинка Саздова и Идриз Орана. Очекуваме дека Македонија кога ќе започне преговори ќе има веќе многу поактивна улога, бидејќи современа Европа, како што можеше да се чуе од излагањата на европските челници на отворањето, е децентрализирана Европа. Ова значи дека процесот на децентрализација кај нас треба уште поинтензивно да продолжи и, се разбира, да ги искористуваме повеќе кохезионите и другите фондови, што ги нуди Европската унија. Се разбира, од низа субјективни и објективни причини, Република Македонија не ги користи доволно овие фондови. Дел е заради недоволните капацитети, меѓутоа дел и поради премногу сложена процедура, а дел бидејќи се бара контрибуција од градовите, општините, односно државата во овие проекти, во овие фондови.

Макфакс: Каде е Македонија во моментов во однос искористувањето на овие фондови?

З. Шапуриќ: – Македонија делумно ги користи. Самите знаете, на располагање ни се повеќе европски фондови, не само овие коишто се однесуваат на соработката на локалните и регионалните власти. Пред сé, овде може да се користат фондовите за прекугранична соработка, а потоа може евентуално да се заживее идејата за поврзувањето Скопје – Ниш – Софија како еден триаголник, како добар пример за прекугранична соработка да заживее во иднина. Се разбира, тука, покрај самите градови, честопати треба и државата да се вклучи, бидејќи некогаш општините немаат капацитет финансиски, пред сé, да партиципираат во овие проекти. Се разбира, проектите мора да се одвиваат со поддршка на државата, иако општините треба да имаат активна улога во нивното придобивање и со нивната имплементација.

Макфакс: Компаративно, колку средства употребуваме сега како земја кандидат, колку ќе употребуваме кога ќе почне процесот на пристапување?

З. Шапуриќ: Сигурно дека многу повеќе, ако го гледаме искуството на Хрватска, која вгодина ќе стане полноправна членка, каде што за четири пати се зголеми, па и на Бугарија и на Романија, кои станаа неодамна земји членки. Но, исто така, ќе зависи од нас, од нашите капацитети и, се разбира, од подготвеноста да партиципираме, бидејќи најголем дел од овие проекти, кои се користат преку овие фондови, бараат и локална контрибуција. Пример, ако фонд за одреден проект изнесува еден милион евра, би требало државата, односно локалната власт да учествува со околу 200.000 до 300.000 евра, средства што навреме треба да се предвидат во буџетот, бидејќи Европската унија сите работи ги предвидува неколку години однапред. Во таа смисла, треба да се направи една долгорочна стратегија, не само за овие фондови, туку севкупно. Македонија според функциите на локалната самоуправа е речиси еднаква со земјите членки на Европската унија, но сé уште нема финансиски капацитети. Некаде 10 до11 отсто од БДП-то оди за општините. Тој процент се зголемува. Очекувам во иднина да биде многу поголем – да дојде до 20 – 25 отсто од БДП како во најголем дел од земјите членки на Европската унија.

Макфакс: Рековте конкретна стратегија. Каде треба да биде фокусот, кон финансиите или човечките ресурси?

З. Шапуриќ: – И финансии и човечки ресурси, но и на поголемо лобирање во Европската унија, во земјите членки и институциите на Европската унија. Потребно е поголемо лобирање, но и поголема поддршка од државата, бидејќи локалните власти честопати немаат капацитети, делумно кадровски, делумно финансиски, за да партиципираат. Се разбира, многу земји членки и земји кандидати реагираат дека процедурите се премногу сложени. Но, тоа е тоа, тоа е процедурата, мора да се прилагодиме кон нивните услови.

Макфакс

 

Loading...