Осумнаесет милиони долари вреди новата американска инвестиција во Македонија која ќе отвори нови 400 работни места.Договорите за реализација на инвестицијата ги потпишаа денеска во Скопје претставници на македонската Влада и на компанијата „Капкон“.
– Капкон го избра Скопје за свој дом за деловните активности и производството наменето за пазарите во Европа. Овој производствен капацитет откако ќе стане целосно оперативен ќе вработи околу 400 лица. Исто така, имаме намера да ги прошириме нашите активности тука и да отвориме технички центар кој исто така ќе има инженерска поддршка во овој капацитет, рече по потпишувањето на Договорот Али ел Хач, извршен директор во компанијата.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека оваа реномирана компанија од автомобилската индустрија ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња наменети за пазарот во Европа.
-Оваа инвестиција целосно се вклопува во напорите на Владата да се привлечат глобални, реномирани компании кои ќе направат значајни промени во екомонијата и тие се случуваат. Во зоните се отворени 11.000 вработувања, а во следниот период се очекува уште 13.000 работни места, посочи Ставрески.
Тој додаде дека компанијата која од денес ја впишува Македонија на мапата на производни центри, инвестицијата ќе ја реализира во зоната во Скопје, а објектот се очекува да биде оперативен во вториот квартал од 2015 година.
Министерот за финансии додаде дека со инвестициите се забележуваат позитивни промени во македонската индустрија.
-Кумулативниот извоз од фабриките во зоните со крајот на ноември изнесува милијарда и шеесет и два милиони евра што е голем придонес за раст на извозот. Извозот од зоните е во рапиден пораст и Македонија со него ќе постигнува добри резултати и во времиња кога економијата во Европа не е толку добра, нагласи Ставрески.Договорите за реализација на инвестицијата ги потпишаа денеска во Скопје претставници на македонската Влада и на компанијата „Капкон“.