За да не ви “бегаат“ вработените понудете им го ова

Дали постои фер систем за наградување во вашата компанија?

На секоја организација и се потребни талентирани и квалификувани поединци кои ќе и помогнат да ги оствари своите цели преку градење на успешен бизнис. Со оглед на тоа дека побарувачката за нив е многу голема, потребен ви е атрактивен и праведен систем за наградување кој ќе ви овозможи да ги привлечете и задржите најдобрите таленти.

Според голем број на истражувања, системот на фер плати е еден од најефикасните начини за задржување и мотивирање на вработените. Кога една организација е составена од луѓе кои се вешти и мотивирани, бизнисот оди напред. Од таму, имплементацијата на добра платна структура е критична за секоја компанија.

Фактори кои ја детерминираат платата
Неколку фактори се земени во предвид кога се формира платната структура во една компанија. Еден од најважните фактори е рамнотежата помеѓу релативната цена на внатрешниот и надворешниот човечки капитал.

Релативната цена на внатрешниот човечки капитал се однесува на платите на вработените во споредба со платите на другите вработени на слични позиции во рамките на истата организација.

Релативната цена на надворешниот човечки капитал е всушност износот на платите на вработените во споредба со платите на другите вработени на слични позиции надвор од компанијата.

Многу е важно за една организација да одржува рамнотежа помеѓу релативната цена на внатрешниот и надворешниот човечки капитал. На долг рок, ова гарантира мотивираност на вработените и хармонија во работната средина.

Два типа на платни структури
Генерално, компаниите се држат до два типа на платни структури: традиционална платна структура и широкопојасна платна структура. Па ајде секоја од нив да ја погледнеме во детали.

Традиционална платна структура
Во традиционалната платна структура има повеќе рангови на плати во зависност од природата на самата позиција. Новиот вработен вообичаено започнува во најнискиот платен ранг и тој или таа со текот на времето и врз основа на своите перформанси се придвижуваат нагоре.

Компаниите кои имаат традиционална платна структура ги користат различните платни рангови како хиерархиски систем во организацијата овозможувајќи им на вработените да бидат промовирани од еден во друг платен ранг.

Широкопојасна платна структура
Широкопојасните платни структури се пофлексибилни бидејќи имаат помал број на платни рангови со поширок опсег на плата. Тие многу често наоѓаат примена во рамните организации со помалку хиерархиски нивоа или во помалите компании.

Во широкопојасната платна структура акцентот е ставен на кариерниот развој, наместо на унапредувањето на работното место.

Зошто е важно да имате платна структура?
Платните структури се неопходен елемент за ефективно управување. Тие помагаат да се осигура дека платите се екстерно конкурентни и интерно фер. Платните структури, исто така, им овозможуваат на компаниите да го наградат добриот перформанс и развој додека во исто време се контролираат трошоците. Добро скроените платни структури ќе привлечат висококвалификувани луѓе во вашата компанија и ќе ги задржат мотивирани во рамките на организацијата.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.