Дури и зеленото смуди, за кое многумина веруваат дека е најздравата опција, може да содржи несакани калории, шеќер и масти. Тоа што вашето смуди содржи многу овошје и зеленчук не значи дека има малку калории и дека е добро за вас. Ако не избирате внимантелно што ќе ставите во него, вашиот омилен пијалак може да биде виновникот за несаканите калории. Сепак, тоа е многу поздрава алтернатива на класичните сокови.
5 причини зошто вашето смуди не е најздраво
Исто така, смудито може да биде здрав појадок доколку содржи избалансирани хранливи материи вклучувајќи протеини, јаглени хидрати и здрави масти. Ако не внесувате доволно зеленчук во вашиот организам, смудито е одличен начин да вклучите повеќе зеленчук во вашата исхрана. Тоа ќе му обезбеди на вашето тело голема количина на витамини А и К, влакна и други хранливи материи.
Сепак, смудито може да биде главниот виновник што не можете да ги намалите килограмите, а еве зошто е тоа така:
1. Вашата чаша за смуди е преголема
Проблемот со овие пијалаци е што тие може да содржат многу поголеми количини овошје и зеленчук без да бидете свесни за тоа, односно внесувате многу повеќе отколку што би јаделе ако се во нивната природна форма. Исто така, на тој начин ќе внесете многу повеќе јаглени хидрати, шеќери и калории.
2. Вашето смуди содржи премногу состојки
Ореви, авокадо, кокосово масло, јогурт – ова се состојки што драматично го зголемуваат внесот на калории, па можете полесно да ја зголемите телесната тежина отколку да ја намалите.
3. Претерувате со засладувачите
Ако го сакате смудито поради неговиот сладок и неодолив вкус, веројатно претерувате со засладувањето. Не е важно дали користите шеќер, мед или јаворов сируп, преголемото внесување на вакви производи ќе резултира со зголемување на телесната тежина.
4. Не јадете со лажица
На овој начин ќе забавите и нема да го испиете смудито со брзина на светлина. Освен тоа, кога ја џвакате храната, вашето тело лачи хормони што го зголемуваат чувството на ситост.
5. Пиете смуди во погрешно време
Најдобро е да уживате во смудито по вежбањето или во тој период од денот кога сте најактивни.